Знае ли Вархеји дека на гости не се оди со празни раце?

Она што сè уште е неизвесно е каква порака Вархеји ќе му испрати на македонскиот народ и дали ќе му ги потврди, или, пак, ќе му ги урне надежите за евентуално добивање датум пред мајскиот Самит на ЕУ во Загреб.

2232

Наследникот на Јоханес Хан, новиот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеји, во секој момент треба да пристигне во Скопје и да ја оствари својата прва официјална посета на земјава.

Како што е потврдено, Вархеји најпрво ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а потоа ќе се запознае и со техничкиот премиер Оливер Спасовски, со собранискиот спикер Талат Џафери, како и со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Но, она што сè уште е неизвесно е каква порака тој ќе му испрати на македонскиот народ и дали ќе му ги потврди, или, пак, ќе му ги урне надежите за евентуално добивање датум пред мајскиот Самит на ЕУ во Загреб.

Според аналитичарите, на средбите со македонските политичари се очекува Вархеји да зборува за новата методологија за проширување на Европската Унија по предлог на Париз, а многу веројатно е дека нема да ги изостави ниту домашните реформи.

Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, потсетува дека новиот еврокомесар е нашиот најголем сојузник во Брисел и дека тој е најдиректно задолжен за процесот за проширување на европското семејство.

Сепак, како што додава тој, од неговата посета на земјава не треба да се очекува нешто спектакуларно во поглед на поплочувањето на нашиот пат кон ЕУ.

– Нормално е дека ние го дочекуваме новиот еврокомесар со надеж дека ќе нè израдува со некоја важна информација, но треба да бидеме свесни дека тој сега доаѓа во Скопје со единствена цел да се запознае со политичарите и со состојбите во Македонија. Се разбира, рамката е веќе поставена, а тоа е усвојувањето на новата методологија за проширување на Унијата, па таквото забрзување на процесите може наскоро да резултира со добивање датум. Во секој случај, не верувам дека нешто посебно може да донесе посетата на Вархеји, со оглед на тоа што големата дебата во моментов се одвива помеѓу главните земји-членки на Европската Унија. Сметам дека дури и самиот Вархеји нетрпеливо чека да ги види резултатите од таа дебата – вели Малески за Плусинфо.

По посетата на Скопје, утрешната дестинација на еврокомесарот ќе биде Тирана, Албанија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...