Четириесет и пет лица досега се пријавени за учество во традиционалното спуштање на крстот во Вардар во центарот на Скопје на 19 јануари на Богојавление – Водици, информираа денеска за МИА од Скопската епархија.
– Пријавените треба да бидат на возраст над 18 години. Досега меѓу пријавените нема жени. Кандидатите прво прават бесплатен лекарски преглед во Спортска медицина, кој е задолжителен, по што се пријавуваат во Македонската архиепископија – информираат од Скопската епархија.
Пријавувањето почна на 2 јануари, а завршува на 17 јануари.
Спуштањето на крстот во водите на Вардар ќе биде на 19 јануари напладне од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“ и ќе го изврши поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан.
Претходно, архиепископот г.г. Стефан во 9 часот ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11:45 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде ќе се одржи традиционалната верска манифестација.
Освен во Скопје, крстови ќе бидат положени и во водите низ останатите скопски општини и градови во државава.
Празникот Водици се слави од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. Се верува дека тој што ќе го фати крстот ќе го следи благослов и среќа цела година.