Томе Аџиев поранешниот претседател на Комисијата за лустрација во гостување во „24 Отворено“ со режисерот Владимир Милчин, поранешниот разузнавач Александар Диневски, пратеникот Илија Димовски и пратеничката Снежана Калевска Ванчева, вели дека со законското решение за поништување на лустрацијата ќе се направи правен преседан со што ќе се наруши целиот правен систем. Аџиев вели дека аргументите тешко се спротивставуваат.
– Сите управни спорови се водат врз основа на документи, ниту комисијата за лустрација немаше право на збор. Милчин беше следен од службите на државна безбедност како припадник на граѓанската десница, а потоа бил врбуван. Така бил користен да прибира информации и не е точно дека бил жртва на два режима – вели Аџиев.
Милчин вели дека „ловот на вештерки” мораше да престане. Тој мисли дека одлуката е задоцнета и требало да биде донесена во 2017 година, а не во 2019 кога завршуваат петте години за оспорување. Ова што сега се прави вели тој, нема да е правда за етикетираните и осудените како кодоши, туку ќе овозможи да се заборави злоделото на налогодавците и извршителите како и судиите кои не дозволувале одбрана. Судот за човекови права во Стразбур, според него, го оцени како рушење на човековите права.
– Како претседател на Фондацијата „Отворено општество” јас му бев „трн во око” на Никола Груевски – вели Милчин.
Поранешниот разузнавач Диневски вели дека лустрацијата е изместена од својата идеја за исправање на неправдата. Тој вели факт е дека лустрацијата беше дел од платформа на Никола Груевски за уништување на неговите политички противници. Сите политички неистомисленици со неговата тоталитарна власт тврди дека требало да бидат елиминирани или жртви на политички монтирани процеси. Диневски смета дека е потребно да се донесе ваков закон кој ќе обезбеди морално и политичко прочистување.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димовски смета дека работите се испревртени. Во Македонија во службите имало 16 000 досиеја, во затворите 22 000. Во Македонија се лустрирани 180 луѓе. Димовски вели дека илјадници семејства во земјава биле предмет на следење, прогонувани, раселувани и им биле одземени граѓанските права. Лустрацијата во Македонија вели дека била спроведена на најмек начин во однос на другите земји.
– Не ја идеализирам лустрацијата но требаше да се објавата списоците – додава пратеникот Димовски. Законот смета дека е покритие за СДСДМ дека се оправдале кон одреден број луѓе.
Пратеничката Калевска Ванчева од СДСМ вели дека во Собранието пратениците не успеале да дебатираат за законското решение бидејќи опозицијата го блокирала законот. Според неа, законот е потребен, бидејќи е осуден од домашната и странската јавност. Смета дека се задоцни со законот, а проблемот се мултиплицираше кога одредена политичка елита направи узурпација и злоупотреба на законот преку Комисијата за лустрација.