Поништувањето на лустрацијата ќе почека некој иден парламентарен состав, откако ДУИ стави вето на предлогот на владиниот партнер СДСМ, доколку во пакет не оди со решение на статусот на политичките затвореници од комунистичкиот режим и нивните семејства.
Од ДУИ за Плусинфо потврдуваат дека поништување на лустрација ќе нема пред избори. Се наметнува дилемата дали условувањето од ДУИ за поништувањето на лустрацијата со барањето за статусот на политичките затвореници е само предизборен маркетинг, бидејќи не е првпат интегративците предизборно да го отвораат тоа прашање.
Партијата на Али Ахмети обесштетување на политичките жртви од комунистичкиот режим преку нацрт-закон предложи во 2012 година, но предлогот остана во фиока бидејќи не доби согласност од тогашниот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш предлогот беше пласиран ама пред локалните избори, за по изборите да остане заборавен, сѐ до сега.
И тогаш ДУИ лустрацијата ја услови со рехабилитација на жртвите. Бараа транспарентна лустрација и сметаа дека нема смисла откривањето на кодошите без рехабилитација и обесштетување на жртвите на комунизмот, што треба да претставува и адут повеќе за локалните избори.
Тогаш ДУИ бараше рехабилитација на жртвите на комунистичкиот режим и социјална помош за жртвите кои живеат во сиромаштија. ДУИ предлагаше рехабилитацијата да се однесува на периодот 1945-1991, кога Македонија беше дел од комунистичка Југославија. Тогаш пратеникот Џеват Адеми изјави дека „Македонија како поранешна социјалистичка земја, им го должи тоа на жртвите“.
Нацрт-закон предвидуваше судско поништување на сите претходни судски одлуки од времето на комунизмот, донесени од политички причини. Тоа ќе треба да им понуди правна отштета на жртвите и на нивните семејства.
Законот предвидуваше и социјална помош за поранешните жртви кои сега живеат во сиромашни услови. Се предлагаше за секоја година помината во затвор, на жртвите да им биде пресметана една и пол година работен стаж, што, во некој случаи, би значело можност за предвремено пензионирање.
По осум години, денеска пратеникот Реџаил Исмаили го реактивира барањето на ДУИ.
– ДУИ е за лустрација бидејќи сме го гласале законот за лустрација, но сакаме за ова да има поширока дебата. Исто така сакаме да се отвори и прашањето за поранешните политички затвореници и паралелно да се реши прашањето за поранешните политички затвореници од комунистичкиот систем – изјaви Исмаили откако вчера пратениците на ДУИ не присуствуваат на седницата на Комисија за политички систем на која требаше да се расправа за предог законот.
Од ДУИ брифираат дека во 2012 имале начелна согласност од ВМРО-ДПМНЕ но оти сѐ се изјаловило бидејќи Здружението на политички затвореници Албанци предводено од Шптим Положани, а кое учествувало во подготовката на нaцрт-законот предложил голем опфат на лица на кои би им следувало обесштетување.
Поради ова, според ДУИ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ја повлекло подршката за законот. Се споменуваше бројка од 14.000 политички затвореници Албанци кои би требало да добијат обесштетување, а како пример се посочуваше решението од Албанија каде што на семејствата на стреланите им се исплатувале по 80 долари дневно во период од осум години, а на затвораните од политички мотиви по 50 долари.
Доколку некоја политичка гарнитура се согласи на вакво законско решение, од позвучните имиња обесштетување би требало да добијат Шптим Положани, Џеват Адеми и Тахир Хани од ДУИ, Гарип Каба од Алијансата за Албанците, но и ексградоначалникот на Гостивар Руфи Османи како и поранешниот ректор на Тетовскиот универзитет Фадил Сулејмани.