Како што и обично функционираме на ниво на нација, површно, и што би рекол народот „купи ден помини“, многу често, односно скоро секогаш, ни се случува да ни бега големата слика, па остануваме без одговори на суштински прашања, кои нѐ окупирале подолго време и доминирале во однос на интензитетот на расправиите меѓу доминантните политички партии, секоја нудејќи своја верзија на вистината.
Секако, кога ваквите теми се актуелни, сѐ што имаме се тие тривијални партиски верзии без конкретни аргументи, па во едната или другата веруваат само оние кои се слепи послушници на своите партиски гнезда.Во Македонија такви поединци се сѐ уште во доволен број, па оттука и дрскоста на партиските калкулации кои остануваат недоволно мотивирани да понудат посериозна и потемелна анализа на позициите кои јавно ги застапуваат.
За среќа, времето кое изминува секогаш ни овозможува да ја видиме вистината, секако доколку имаме таква потреба и барем основна способност логички да ги процесираме фактите, кои самата временска дистанца ги вади на површина.
Од друга страна, неверојатниот интензитет на скандали со кои сме оптоварени на дневна основа, најчесто ни ја замаглува сликата и ни го пренасочува фокусот.
Тој факт, како и неверојатната наша склоност кон сензационализам, нѐ ускратува од вистинските одговори на суштински битни прашања.
Така, најчесто оние кои времето и фактите ги демантирале, секогаш ја избегнуваат политичката фактура, која во здрава и пристојна демократија би било нужно да се подмири. И освен тоа, тоа би било вистинска лекција дека секој од политичките субјекти сноси одговорност за своите дејствија и политики.
Зошто Заев инсистираше само Катица да биде шефица на СЈО?
Со овој долг вовед, сакам да се осврнам на една веќе неактуелна, но и тоа како битна тема. Битна од аспект на борбата, барем декларативна, за владеење на правото, како и прашањето за тоа кој всушност бил одговорен за неуспехот во решавањето на проблемот кој би премостил една од пречките на патот кон Брисел. Ако до сега не се сетивте за што станува збор, ќе ве упатам да се навратите неколку месеци наназад, односно на неуспешниот обид за донесување на решение за нов закон за Јавното обвинителство.
Како тема која многу време се вртеше низ медиумскиот простор, јавноста сигурно се сеќава на пинг-понг пресовите на партиите и на сувопарните соопштенија, полни со истите па истите истрошени фрази до ниво на дегутантност. Да скратам, според Заев, ВМРО саботираше носење на закон во функција на спасување на криминалци во нивните редови. Според ВМРО, СДСМ претендираше да постави криминалци кои ќе ги штитат нивните партиски криминали. Но, бидејќи овие ставови не значат сами по себе ништо и можат единствено да се третираат како субјективни интерпретации на страните, она на што треба да се темели анализата се фактите, кои, како што веќе напоменав, ни беа сервирани од самите настани кои следеа.
Не е тајна дека еден од главните камења на сопнување беа персоналните решенија. Имено, не е тајна дека Заев и СДСМ до последен момент пред обелоденувањето на скандалот „Рекет“, инсистираа на Катица Јанева и продолжување на нејзиниот мандат. Ако е ноторен факт дека премиерот знаел, па дури и пријавил во Обвинителството дека истата ја злоупотребувала службената позиција, зошто инсистирал на тоа решение, за кое бил свесен (дури ете, да оставиме простор за можноста дека сѐ се одвивало без негово знаење), дека никако не би можело да биде прифатливо?!
Настрана што и во старт, ако се вратиме на изворниот концепт на идејата и потребата за една ваква институција, ќе се потсетиме дека токму консензусот околу извесно персонално решение е точно тоа што го чинеше ова Обвинителство покредибилно и со поголема тежина од редовното, за кое гонењето на криминал од ваков профил се чинеше преголем залак.
Зошто СДСМ ги искомпромитира сите постапки водени од СЈО?
Така, имајќи го предвид незадоволство од Јанева, како и одбивањето на опозицијата дури и да помисли да го прифати овој предлог, за власт која без калкулации има намера да ја бустира атмосферата во насока на создавање правна рамка која ќе биде ефикасна основа да се истера правдата, овој предлог не би ни бил ставен на преговарачка маса. Патем, ако сме доследни и принципиелни, тогаш ќе стоиме на ставот дека градиме институции, чиј основен параметар за успешност во работењето е токму нивната одржливост и заснованост на систем на работа, а не зависност и условеност од поединци.
Освен ставот на Јанева, ни вртоглавиот пад во рејтингот на СЈО не беше ама баш никаков аларм за евентуална промена во нивните позиции. Напротив, фактите говорат дека СЈО без Јанева никако не било опција за СДСМ. И повторно, тој впечаток неминовно се стекнува со начинот на кој што брзоплето, незаконски и по секоја цена се згасна СЈО и предметите се пренасочија така како што се пренасочија.
Во сето ова има нешто што многу силно оди во прилог на тезата дека СДСМ по никоја цена не би дозволил и никогаш немал ни намера да се донесе фамозниот закон за ЈО. Со ваквиот трансфер на предмети, тие всушност ги компромитираа сите постапки водени од СЈО, давајќи им безброј правни основи на обвинетите да се ослободат од одговорност. Всушност, ниедно решение кои би одело во прилог на обвинетите, а по предлог на ВМРО, не би ни можело да се замисли дека би ги заштитило засегнатите од одговорност во толкава мера.
Како и за сите своевремено нејасни потези, така и во овој случај, со откривањето на одредени детали за работата на СЈО (хонорари, кадровска екипираност и слични пикантерии), јасно е како ден дека поставувањето на вистински професионалец на местото на Јанева, за СДСМ би значело смртна пресуда. И тоа говориме само за обелоденети технички аспекти од нивното функционирање.
А ако се обидеме да размислиме за суштинските аспекти… Со оглед на изнесеното, прашањето на одговорност за неуспешниот исход од преговорите се исцрпува со неколку можни сценарија околу тоа кој каква улога имал во самиот процес, како и тоа кој имал поинаков мотив во целата игра, од она што јавно го декларирал.
Зошто СДСМ ги саботираше преговорите за ЈО?
Повторно, Заев не нуди никакво објаснување за застанувањето зад Јанева, во услови кога самиот тој, повеќе од било кој поединец, е учесник во преговорите од било која страна, дека тој предлог е во старт невозможен за реализација. Притоа, еден од потенцијалните мотиви за таквиот негов однос е неговата потенцијална директна инволвираност во криминалот кој ѝ се става на товар на екс-шефицата на СЈО.
Оваа теорија ја отвара опцијата дека тој сепак се надевал дека аферата нема да стигне до јавноста и со тоа ќе се остави простор некако и да помине тоа решение.
Друга опција, која според достапните факти би можела да биде основа на кој се темелат неговите тогашни позиции, е да блефира дека Јанева може да се потпира на неговата поддршка, со цел истата да остане лојална кон него и кон партијата, па да не проговори нешто што би било опасно за неговата позиција од секаков аспект. Ова дотолку има логика, ако се сетиме на нејзиниот несмасен настап, каде што со сета своја скромноумност ни порача дека е неменлива. И освен што делуваше толку самоуверено во извесноста на нејзин реизбор, од позиција на надменост исклучително неелегантно се обиде да биде цинична во насока на критика на општото ниво на писменост на нацијата.
Ако во крајна линија исклучиме директна инволвираност на премиерот во „Рекет“, сепак останува фактот дека бил свесен дека под такви околности и такви јавно објавени тези од негова страна, се преговарало за да се преговара, а не и да се донесе решение.
Како и да ги разгледуваме аспектите, колку и да се трудиме да исклучиме секаква произволност во толкување на фактите, сите можни сценарија нѐ водат до најмалку една клучна точка во која се преклопуваат. Така, поагајќи од сите потенцијални појдовни точки, најмалку што можеме е егзактно да ја утврдиме страната која ги саботирала преговорите и не ѝ одговарало наоѓање на решение за ова прашање.
Бидејќи се трудам и самата да бегам од шпекулации, теории на заговори и креирање на ставови без да се донесени врз основа на аргументи, дотолку повеќе кога ги изнесувам пред поширока публика, за мотивите кои биле клучни за ваквите позиции ќе оставам логиката да ги постави нештата на своите места. Секако, како и во случајов, и тоа прашање ќе биде апсолвирано и одговорено од дадена временска дистанца, како и од настаните и случувањата кои неминовно ќе ги обелодени самото време кое поминува.
Само ќе кажам дека на многу од споменативе, времето им е сѐ, само не сојузник.
(ФБ статус на авторката)