Сѐ додека не сфатиме дека правото е систем на јасно дефинирани и цврсто кодирани правила на посредување во односите меѓу луѓето, a правдата концепт на општествено поведение согласно со тие правила и со општо прифатените морални норми, ние, драги мои, ќе си останеме балкански Клондајк. И нема да бидеме на прав пат. Едноставно, нема да нѐ биде.
Патем речено, за оние кои не знаат, Клондајк во Aљаска е област каде што почнува златната треска во Америка и каде што во тој период владее „законот на одмаздата“. Повозрасните читатели можеби ќе се сетат дека името Клондајк – денес синоним за неправда, всушност, за разбирање на правото и на правдата како „закон на посилниот“ – го имаат сретнато во стриповите во кој главен јунак е Текс Вилер.
Но, да се вратам на темата…
Лустрацијата во Македонија беше спроведена токму според „законот на одмаздата“. Иако во основното значење зборот лустрација значи „простување на гревовите“ (lustrum), a во намерата на законодавецот требаше да биде мерка на отстранување на соработниците на поранешните тајни служби од јавниот живот, кај нас таа се сведе на отстрел на политички неподобните. После извештајот на Прибе во 2015 година, лустрацијата беше запрена.
Без оглед што периодот на владеење на една техничка влада пред избори не е идеален за донесување закони од поголема важност, нема сомнение дека срамниот процес на лустрација, спроведен во време на владеењето на Никола Груевски и под раководство на „џелатот“ Томе Аџиев, мора да се поништи, заедно со сите правни и морални последици што тој ги предизвика. Се надевам дека барем ова е јасно како бел ден.
И воопшто, држава што сака да се пофали дека во неа владее правото, не смее да дозволи разни арбитрерни, божем независни и во основа некомпетентни комисии и тела, да инкриминираат луѓе, да ги „судат“ за вистински или за измислени „гревови“, да делат некоја своја правда и да си поигруваат со човечките судбини. И тука не мислам само на некогашната Лустрациска комисија на Аџиев, туку и на сите други вонсудски инсталации и „дивоградби“ во системот, на кои им е дадено да одлучуваат за работи кои мора да бидат во исклучива надлежност на судовите.
Ете затоа, меѓу другото, упорно и упорно треба да се инсистира на тоа дека владеењето на правото и судските реформи се првенствено работа на доуредување и на иновирање на постоечките, како и на воведување нови, системски решенија, согласно со изворните принципи и значења на поимите право и правда, а секако и според моделите и искуствата на модерната европска правосудна пракса. Можеме ние колку што сакаме да мантраме за „лошите“ и „корумпирани“ обвинители, судии и адвокати, за „политичките притисоци“ и за „мафијата“, но сето тоа ќе бидат само празни зборови ако не се дизајнираат системски фортификации кои ќе нѐ бранат од овие зла.
Добар пример за ова што го велам е враќањето на дел од предметите на некогашното Специјално јавно обвинителство на самиот почеток. Да, секако дека можам да поверувам во тврдењата дека има судии, бранители и други вешти правни експерти што ги користат слабостите на системот, во обид да ги застарат предметите или да ги одложат судските одлуки за некои подобри времиња. Велам, можам да поверувам во тоа, но сепак не се осмелувам така лесно да обвинам судија-поротник дека бил „потплатен од мафијата“. Зарем целата вина за враќањето на еден случај на самиот почеток ќе се фрли на плеќите на судија-поротник, кој се повлекува затоа што објективно, според законот, му дошло време да се пензионира? Вистинското прашање е зошто ништо не е сторено да се воведат системски решенија што ќе ги спречат ваквите злоупотреби, случајните или намерните пропусти на судиите, но и на другите институции во правосудниот систем.
Одговорот на ова дилема е познат, само на страстните навивачи им е тешко со него да се соочат – власта во овие три години не спроведе суштински реформи во правосудството, туку и самата се заплетка во заблудите на „револуционерната правда“ и широко ги распространи очекувањата дека „преките“ судови, во експресни постапки, во еден налет на волунтаризмот како базично читање на правото и разбирање на правдата, автоматски ќе ги донесат очекуваните пресуди и ќе ја задоволат жедта на граѓаните за некаква „шеријатска“ правда. Да биде полошо од тоа, елитната институција што требаше да биде spiritius movens на едно такво разбирање на концептот „правда и мир“ (СЈО), се покажа како легло на криминалот и на корупцијата. Во такви околности, хаваријата на системот, напросто беше неизбежна.
Мислам дека клучен тест за тоа дали сега – поучени од таа хаварија – напредуваме кон едно модерно, европско разбирање на правото и на правдата ќе биде судскиот процес за настаните од 27 април 207 година. За мене, нема никаква дилема дека упадот на група граѓани и насилствата во Собранието на 27 април беа обид за државен удар. Не е точна тезата на Никола Груевски дека станувало збор за отпор на граѓаните против обид за незаконит трансфер на власта. Дури и да е Никола во право, правниот систем во нашата земја (таков каков што е, несовршен) предвидува легални и легитимни постапки како се утврдува незаконитоста. И никој, ама баш никој нема право да го земе законот во свои раце и да „пресудува“ со насилство, на начин како што тоа се случи тој кобен 27 април.
Но, од друга страна, од суштествена важност за кредибилитетот на судскиот процес што е во тек, е актерите во постапката – обвинетите, обвинителите, бранителите и судот – да ги расветлат улогите на сите поединци во настаните, уверливо да ја дефинираат вината или невиноста на секој поединечно, за процесот да резултира со квалитетни пресуди, а судската постапка да биде оценета како квалитетна, правична и со доследно почитување на сите процесни правила. Не смее да има колективно судење, онака „на стадион“. Не постои колективна вина. Не смее да има обиди за изигрување на правдата, но и повреди на правото на одбрана. Не смее да има манипулации со фактите, но и улични и медиумски „судења“ и „пресуди“. Во спротивно, јас ви тврдам дека ќе се соочиме не само со критики на нашиот правосуден систем (кој суштински не е поинаков од оној опишан во извештајот на Прибе), туку и со мечот на европската правда, кој може да ги разочара сите што повторно очекуваат експресни и предизборно мотивирани, драконски пресуди.
Македонија не смее веќе да биде регионален Клондајк, земја во која ќе владее „законот на одмаздата“. Опиени од нашата желба за реванш, ризикуваме од својата пизма да изградиме еден непремостлив перпетуум мобиле, машина за незапирливо перпетуирање на одмаздата. Тоа навистина не води никаде. Треба еднаш да се каже – доста е, може и поинаку.
Затоа, би се осмелил да кажам дека поништувањето на процесот на арбитрерната и одмаздничка лустрација е првиот чекор што претендентите за власта можат да го исчекорат во насока на едно поинакво разбирање на правото и на правдата. Знам дека тоа не е најважната тема што ќе доведе до суштински промени во правосудниот систем (и сигурно не „автоматски“, како што обично посакуваме), но еден таков потег би можел да демонстрира консензуална волја за промени и можеби дури и изблик на еден нов, реформски дух во политиката.
Поинаку кажано, јас прво би го лустрирал (прочистил) правосудниот систем, од сите слабости и недоречености, од сите „багови“ што го прават тром, неефикасен и погоден за манипулации, би го „рестартирал“ под итно, па дури потоа, ама задолжително во период на намалено ниво на општествените конфликти и на поделеност на нацијата, би ѝ се посветил и на приказната за црнилата од минатото. Но не вака. И не сега.