Судењето за уривањето на комплексот Космос на инвеститорот Фијат Цановски „ТНТ” продолжува утре, откако на денешното рочиште повторно не се појави обвинетиот Тони Трајковски.
Ова е второ непојавување на обвинетиот Тони Трајковски, откако поради немање уредна покана, тој не се појави и на вчерашното рочиште.
Судијата Огнен Ставрев, рече дека Судот го смета за уредно поканет, иако неговиот адвокат Јовица Страшевски, рече дека немал добиено покана за денешното рочиште.
– За Тони Трајковски за следното рочиште има наредба до МВР за присилно спроведување на Суд, а доколку вака продолжи ќе има уште построги мерки – рече Ставрев.
Адвокатот Страшевски, по завршување на рочиштето, изјави дека имаат доставено две адреси, една по лична карта и една по место на престој и дека навистина не знае како Судот издава наредба за полициско спроведување.
– Има законски основ како се доставува покана – изјави Страшеваки.
Судијата Огнен Ставрев на почетокот на денешното рочиште го претстави новиот состав, во кој сега има тројца нови судии поротници, меѓу кои еден е резервен.
Случајот почнува од почетокот со нов состав на судечкиот совет. Предметот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.
За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.