Престанува вакцинацијата против јазлеста кожа кај говедата и против беснило кај дивите животни.
Како што информира денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, опасноста од јазлеста кожа е помината со оглед дека болеста не е присутна во земјава од 2017 година. Превенцијата ќе продолжи со следење на состојбата, односно со мониторирање на фармите.
Ова важи и за беснилото кое не е присутно од 2012 година, а последен пат вакцини во вид на мамки беа фрлени лани есента. И во овој сегмент ситуацијата ќе се следи со мониторирање.
– На добар пат сме да покажеме дека овие две болести ги нема кај нас. Тоа ќе значи можност за поголем извоз и унапредување на економијата, но и подобрена здравствена заштита и на животните и на луѓето – рече Атанасов.