Судски предмети паѓаат како круши, Судскиот совет мува не го лази 

1615

Македонското судство, наместо да ги урива барикадите на непрофесионално работење да се ослободи од баукот на судења во неразумен рок, во последниве два дена, откако рочиштата за „ТНТ“ и „Монструм“ се вратија на почеток поради истекот на мандатот на поротници, си лепи нови етикети за споровозно спроведување на правдата, обременета и со политички притисоци и закани.

Откако поротничка со истечен мандат вчера даде оставка и го врати процесот „ТНТ“ на почеток, денеска тоа се случи и со судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година.

Во судењето за „Монструм“, кое се враќа од почеток поради промена на судечкиот совет, олеснување е тоа што расправата ќе продолжи од каде што застанала, затоа што одбраната, како што велат од Кривичниот суд, се согласила да бидат пренесени во новиот записник сите досегашни изјави и изведени докази.

Како што Плусинфо пишуваше и претходно, станува збор за ист состав на судечки совет и во „ТНТ“ и во „Монструм“. Настрана што и во двата случаи не е јасно зошто судијата не постапил според ЗКП, каде што е предвидена можност да се назначи и резервен судија поротник, иако знаел дека за две години две поротнички ќе треба со навршени 60 години да одат во пензија, а на едната од нив ќе ѝ истече и четиригодишниот мандат. Основниот кривичен суд во Скопје, во последното известување, откако судењето за „Монструм“ е вратено на почетокот потврдуваат дека освен поднесената оставка на еден судија-поротник, во брзо време ќе истече мандат на друг судија-поротник, па затоа сега освен нови поротници биле назначени дополнителни, резервни поротници.

Но зошто судијата не побарал резервни поротници на почетокот на судењата за „ТНТ“ и за „Монструм“ пред околу две години и кој ќе ја понесе одговорноста за овој скандалозен пропуст? За тоа не добивме оовор од Судскиот совет, кој според Законот за судовите е надлежен да поведе постапка за нестручно и ненавремено работење на судијата Огнен Ставрев, а на иницијатива од претседателот Киро Здравев.

Директорот на здружението „Зелена лупа“, Васко Тодоровски, во изјава за Плусинфо изрази сомневања дека станува збор за однапред договорено сценарио, чија крајна цел е застарување на предметот. Ова здружение до Советот за утврдување факти пред некоку години поднесе грамада претставки со кои бараше одговорност на судии од Основниот суд Скопје 1, од Апелацискиот суд и од Врховниот суд, поради „несовесно работењев во службата” и „злоупотреба на службена должност и овластувања” и тоа за направени суштествени повреди во текот на постапката во предметите во кои постапувале.

– Во текот на 2018 година, до Врховниот суд поднесовме 50 претставки против судии кои не ги завршиле процесите во разумен рок. Македонското судство е препознатливо по долгите судски постапки. Појавата на намерно или ненамерно одолговлекување на судските постапки до застарување не е само од минатиот режим. Тоа се истите судии од пред триесетина години – вели Тодоровски.

Тој ојаснува дека Судот за човекои права во Стразбур е најдобриот сведок за тенденцијата на застарување на предметите во нашето судство. Овој суд од македонските граѓани има прифатено дури 150 предмети поради судења во неразумен рок, вели Тодоровски, кои кога ќе се процесуираат, државата ќе треба да плати неколку милиони евра отштета.

Тодоровски потсетува и на малите казни спрема судиите одговорни за (не)правично судење и судење во неразумен рок. Како пример наведува пресуда во судски предмет за една велешка фирма, во кој на оштетените граѓани им биле исплатени 2,5 милиони евра отштета поради долгото судење, а судијата бил казнет само со 10 отсто од платата во траење од шест месеци.

Оттаму, вели првиот човек на „Зелена лупа“, освен одговорност од судиите, треба да се бара промена и на казнената политика за грешните суддии, адвокати и обвинители, кои се во таен, но долговечен брак од интерес, кога некој судски предмет треба да се пикне под тепих или да собира прав во судските фиоки.

И пратеникот Антонио Милошоски денеска побара Републичкиот судски совет (РСС) да поведе постапка за нестручно работење на судијата Ставрев поради повторување на постапката во случајот „ТНТ“. Тој вели дека законот за кривична постапка е прецизен и одговорноста за ваквиот суштински пропуст во судењето за предметот „ТНТ“ ја лоцира кај судијата Огнен Ставрев, како претседател на судечкиот совет.

– Според членот 349 од ЗКП точно претседателот на судечкиот совет Ставрев имал одговорност да побара од претседателот на судот (Џолев) да определи еден или двајца судии-поротници како замена, доколку е веројатно дека главната расправа ќе трае подолго. А со толку многу докази, вештачења, број на обвинети и уште поголеми број на сведоци, како и со имањето на податоците за возраста на поротничката, судијата Ставрев можел и морал да знае дека главната расправа за „ТНТ” ќе трае подолго. Затоа, повторувањето на постапката за „ТНТ” е исклучива грешка на судијата Ставрев, поради неговото лошо менаџирање и ненавременото и немарно вршење на судската функција во водењето на постапката – вели Милошоски.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...