Мистичноста на џоломарската игра ФОТО

280

Мистичноста на џоломарската игра ќе царува и оваа Василица во Тиквешко. Џоломарите од Бегниште, Ресава, Сопот и многу други места ќе ги избркаат лошите духови и ќе направат место за добрите нешта. Здравје и среќа, бериќет.

Џоломарите од Бегниште, заштитено културно наследство

Орданчо Лазаров, претседател на џоломарската група од селото Бегниште, потсетува дека  обредот се изведува во раните утрински часови, на Василица или на Стара Нова година. Џоломарите, вели, се стара паганска традиција, која се пренесува од колено на колено. Тој нагласува дека во целокупното организирање и изведување на обредот, односно во игрите со маски, учествуваат исклучиво машките членови на селската заедница. Обредот, додава,  започнува во една хаотична атмосфера, симболично означена низ татнежот на ѕвонците и клапотарците на џоломарите.

– Целото село таа василичарска ноќ бдее покрај огновите, кои се запалени во сите маала во селото, при што се пијат алкохолни пијалаци и се чека утрото за да започне играта на џоломарите. Џоломарите се облекуваат во волнени чулавки, кои се подготвуваат и се носат само на овој ден. Ги црнат лицата со саѓи од домашните фурни, ставаат мустаќи или брада од  волна. На појасите закачуваат ѕвонци и клопотарци, а во рацете носат долги џоломарски стапови. Џоломарите имаат свој предводник, кој ги собира сретсело и тука тој прв ја започнува играта со џоломарското оро, во кое доминира хаотичниот звук на ѕвонците и е придружувано од повремени извици од џоломарите. Во овој обред задолжителни учесници, покрај џоломарите, се и преправените мажи во две невести облечени во бело и една стара баба облечена во црно, која во рацете носи фурка за предење – раскажува Лазаров.

Тој не го крие задоволството што конечно на џоломарите од Бегниште минатата година им се оствари една голема желба.

– Со одлука на Владата, џоломарите од нашето село се прогласени за заштитено нематеријално културно наследство од особено значење. Оваа одлука ја чекавме повеќе време и сега конечно ја добивме. Ова значи дека треба да бидеме помогнати од Министерството за култура за проектите што ќе ги реализираме во иднина. Елаборатот со којшто беше поведена постапката е направен од Ели Милошеска од Институтот за старословенска култура од Прилеп – потврдува Лазаров за МИА.

Еротското е доминантно

Василица или одбележувањето на Стара Нова година е еден од најстарите празници, што традиционално со сите церемонии и обичаи се одбележувал во селото Ресава, пишува историчарот Петре Камчевски во неговата книга „Селото Ресава низ историјата”. Еден од најраспространетите обичаи што е поврзан со одбележувањето на Василица е џаламарството. Тоа претставува еден од најстарите пагански обичаи со маски во овој крај, во чест на Стара Нова година. Џаламарите се маскирана група составена исклучиво од мажи кои, изведувајќи го прастариот обичај, одат сретсело, каде што владее светот на мажите. Маскираната група прави што сака, а еротското е доминантно. Секој што ќе се обиде да влезе во тоа нивно царство или, пак, ќе се обиде да ја украде невестата, ќе биде удрен со стапот или, пак, со ногата. Во селото Ресава оваа традиција се негувала и се одржала со векови, па како таква останала до ден-денес.

Се степале две џаламарски групи, настрадала една од невестите

Историчарот Петре Камчевски во неговата книга посветена на селото Ресава пишува исто така дека еднаш се случил еден немил настан кај месноста Овчаров Гроб. Тогаш имало блиска средба на џаламарите од селата Ресава и Брушани. Се случила општа тепачка. Во неа најдебелиот крај го извлекла една од невестите.

Цвета Камчева од село Ресава, која била на возраст од 81 година кога Камчевски разговарал со неа, му ги опишала подготовките за овој празник во селото.

– Одвечер, спроти Василица, сукам пешии и ги печам на шпорет на дрва. Се јадат наутро со кисело млеко, сирење и колбаси. Се викаат џаламарски пешии. За ручек приготвувам баник, пржено свинско месо и колбаси. На ручекот присуствуваат сите домашни, а доаѓаат и гости од страна. Рано наутро идат џаламарите. Тие тропаат и пеат пред портата. Им ја отворам вратата и во дворот ги дарувам со колбаси, месо, вино и ракија. Со џаламарите има и преправен поп, кој со котле и метла ги попрскува луѓето и куќата за здравје, а ние пуштаме парички во котлето. Бабата од џаламарите ни зема мерка за фустани. На крајот невестата ни бакнува рака, а ние ја даруваме со пари, по што џаламарите си заминуваат – опишала ресавката.

Таа раскажала дека сретсело џаламарите палат оган и пеат посебна песна.

Коледе, коледе, Василе Чуруле,

колку искри, толку пилци,

колку зрна, толку товари,

да ни се сили имањето,

да ни се сили стоката,

да ни се сили бериќетот.

Оваа песна ја пееле само мажите, кои со стаповите претале во огнот. Жените, кришум, сето тоа го гледале. Неколку дена пред празникот џаламарите својата облека и опрема ја носат во една куќа во селото и тука заеднички се подготвуваат. Облеката на џаламарите е ткаена од шајак (наметка и ќулавка) и е од домашна изработка. Нејзината симболика е бркање на злото. Секој џаламар има своја сопствена облека што грижливо ја чува и ја подготвува во текот на годината. Дел од потребната опрема, како клопотарците, позајмуваат или купуваат од соседните села. Традицијата на џаламарството во селото Ресава продолжува.

Традицијата, која се пренесува од колено на колено, продолжува и во ресавското семејство Бикови. Домаќините Вера и  Илија Биков ги подготвија џаламарските пишии за Василица. Таа ги сукаше, а тој ги печеше на шпоретот. Со часови работеа и приготвија цел куп превкусни пишии со вкус на традиција.

– Печените пишии утре изутрина на Василица се топат една по една во тепсија со мешавина од зовриена вода, сол и зејтин. Се ставаат во друга тепсија, се редат една по една по десетина и се попрскуваат со зејтинче. Повторно се печат, сега во загреана рерна. Кога ќе се испечат, изгледаат како печени зацрвенети баници. Се јадат со пржени колбаси и свинско месо, зелени патлиџани во пресол и многу гости. Тоа е вкусот што го паметам од дете – раскажа Иле за МИА.

Се уриваат моралните норми на секојдневието

Кустос-етнологот при Музеј-галеријата од Кавадарци, Томе Крстевски, вели дека паганството е стара религија чии корени датираат од пред 20.000 години. Името доаѓа од латинскиот збор „paganus” – „селанец“ или „pagus” – „село“ населба, тргнувајќи од тоа дека паганизмот опстојувал најдолго во селата.

Тој додава дека тоа е религија на почитување на природата, славење на Мајката Земја, на годишните времиња и воопшто на целата природа. Многу традиции преживеале до денес, речиси непроменети, слави, обичаи при раѓање, свадби и погреби. Паганизмот е филозофија, духовност или со еден збор религија што се пронаоѓа кај сите древни народи.

– Ако тргнеме од нашите народни обичаи, можеме да согледаме мноштво драмски елементи што до неодамна постоеја како интегрален дел на определен обред. Меѓу нив посебно важно место имаат обредните игри со маскирање и преоблекување. Тие на највпечатлив начин ги манифестираат скоро сите изразни можности и средства со важност со една сценско-драмска и театарска уметност – нагласува Крстевски.

Тој вели дека во зимските обредни игри сврзани со Василица – Нова година по стариот календар спаѓа и џоломарскиот обичај во селата Ресава и Бегниште.

– Учесниците во џоломарските игри составени од помали и поголеми групи, главно од машки пол, во Македонија се познати како василичари, џаламари, џоломари, бабари, суровари и слично. Нивните ритуални игри проследени со драмски и комични елементи исполнети со магиски дејства имале цел да го истераат лошото, а истовремено да донесат благослов за бериќет и општа благосостојба за годината што настапува. На овој ритуален обичај посебна карактеристика претставува палењето оган, со што на своевиден начин се манифестира животодавната и генеративната моќ на сонцето и е во тесна врска со полната потенција и полното созревање. Мошне големо значење се посветува на подготовките на маските, костимите, реквизитите и улогите, кои траеле еден месец пред нивното одржување – кажува кустос-етнологот.

Во зависност од учеството во ритуалот, секој учесник ја приспособувал маската со функцијата на својата улога, а истото се однесувало и за костимите.

– Со започнувањето на обичајот, ноќта меѓу 13 и 14 јануари, селската заедница започнува да живее еден поинаков живот од вообичаениот. Се уриваат моралните норми на секојдневието и секојдневното однесување, а се заменува со несекојдневното. Џоломарите од овој етнички предел заедно со цврстите закони на маскирањето, во кое нема импровизации, сè е во својата изворна форма со векови и ништо не смее да се менува. Само со непосредно присуство на овој обичај може да се почуствува неговата вистинска моќ и веднаш да се разјасни дилемата зошто се задржал до денешни дни, со истиот интезитет како што тоа било во минатото – дециден е музејскиот работник.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...