По позитивниот чекор за легализација на марихуаната за медицински цели, сметам дека неопходно е да се направат измени во законот и поседувањето на една цигара со марихуана за лична употреба, да не се третира како кривично дело . Ваквата легислатива е суштествено спротивна на концептот за личните слободи, смета Димо Петкоски, генерален секретар на ГДУ.
– Ќе инсистираме на што поскоро отворање на јавна дебата, да се слушнат сите страни и да се разгледаат законите за декриминализација на канабисот од европските земји, кои би послужиле како пример и во Собранието да се изгласа предлог со кој оваа билка ќе биде тргната од листата на наркотици, односно тоа ќе значи дека уживателите на марихуана ќе може да поседуваат одредено количество на канабис.
Ова прашање е различно регулирано во Германија, Швајцарија, Шведска, Израел, Холандија – вели Петкоски.
Тој додава дека истражувањата покажуваат дека во Холандија драстично се намалени наркозависниците откако е декриминализирана марихуаната. Холандија, некои американски држави и Португалија, имаат најмал број на смртни случаи од дрога по декриминализирањето.
Во Чешка, канабисот е дозволен за медицинска употреба и можете да носите до 10 грама марихуана со вас или да одгледувате 5 растенија од канабис за ваша домашна употреба.
Уживањето марихуана не е забрането и во Германија освен кога станува збор за одгледувањето, поседувањето и продажбата. Германскиот уставен суд пропишува дека не треба да се казнуваат лицата кај кои ќе се пронајде помала количина марихуана.
И норвешкиот парламент гласаше за поддршка на декриминализацијата на марихуаната.
Израелската влада го одобри нацрт законот за делумната декриминализација на консумирањето на марихуаната за рекративни цели со наплата на парична казна. Оваа декриминализација се однесува само на личната употреба, а одгледувањето, купувањето и продажбата на марихуаната и натаму се незаконски во Израел.
Хрватска работи на промена на казнениот законик со кој поседувањето марихуана во мали количества ќе биде квалификувано како прекршок, а не како кривично дело.
Грчката влада планира да привлече инвестиции за одгледување на марихуана за медицински цели, но не планира целосна декриминализација на одгледувањето и продажбата на марихуана.
Петкоски апелира да се разгледаат европските искуства, бидејќи слободниот избор на граѓаните треба да биде приоритет. Тој вели дека ја поздравуваат и поддржуваат иницијативата за која се залага здружението „Билка“ – „Декриминализација СЕГА“.