Во поширокиот дебарски регион, според традицијата за Василица, утре децата-суројчари, ќе ги посетат православните домови, посакувајќи посреќна и повесела година.
Тие во рака држат, како што се нарекува, суројца во форма на крст или китка, составена од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец.
Претпладне тие ќе ги посетат православните домови и откако домаќините ќе ја отворат вратата ги „удираат” по глава и пеат „Сура,сура година, до година повесели”, по што се дарувани пред се со пари, но и со благо, костени, ореви и овошје.
– Порано кога живееа поголем број православни жители само во градот имаше по повеќе од десет групи, секоја од по десеттина деца, но последните години оваа традиција ја продолжуваа најмногу две групи, од по четири до пет деца а лани само една – вели Јованка Василевска.
Додава дека како што налага вековната традиција домаќинките подготвуваат пита или како што дебрани го нарекуваат виткан комат, со паричка, која каде ќе се падне се верува дека носи среќа цела година.
Во Дебар по вторпат годинава на Бадник беше организирана „Бадникова поворка“ во која учествуваа педесеттна деца од Дебар и неколку села од општина Маврово и Ростуше, пеејќи ја „Вечниот Бог“.