Не знам кој се сетил да ја ангажира „Охридската група“ за афирмација на членството на Македонија во НАТО, но замислата – дури и со симболиката на Охрид во неа – е моќна и на тој (или таа?) што ја смислил таа идеја треба да му се честита. Тешко дека можете да составите „македонски список“ на поголеми „тешкаши“ од овие, бидејќи нивното комбинирано политичко и меѓународно искуство комотно би можело да се употреби за раководење и со Советот за безбедност на ОН, а не пак за потребите на асистенцијата на Македонија за зачленување во Алијансата.
Штета е што, освен Шекеринска, меѓу овие „тешкаши“ нема уште некоја жена. Но, тоа само кажува дека безбедноста во глобални рамки е сè уште главно „машка работа“.
Иако сите членови на оваа група се, фактички, пензионери (со разно-разни титули и позиции по невладини, безбедносни, политички и бизнис организации), во светот на лобирањето, формалните работни статуси не мора да соодветствуваат на влијанието што го имаат лобистите. Луѓето од „Охридската група“ можат да ја отворат, буквално, секоја врата во и за НАТО, без разлика кој седи зад неа. Повеќемина од оваа група ги познавам лично, а со некои сум имал прилика за долги разговори. Нема кај нив импровизации, ако добро се мотивираат.
На пример, британско-шпанската комбинација на бившите генерални секретари на НАТО, Робертсон и Солана, е како во сениорскиот тим на „Шкендија“ да ги ангажирате Меси и Роналдо, бидејќи нивните врски и познанства во Алијансата (и не само таму!) веројатно се подобри и од оние на сегашниот генерален секретар на таа безбедносна организација… „Сивата еминенција“ на германската дипломатија, пак, Волфганг Ишингер (меѓу другото, бивш политички директор и заменик министер на германското МНР, германски амбасадор во Вашингтон и Лондон, а сегашен директор на Минхенската безбедносна конференција!), беше долгогодишен клучен германски играч за решавање на валканите балкански кризи (вклучувајќи го и Дејтон) – нему највисоката безбедносна политика му е секојдневно „добро утро“, „бон-апетит за ручек“, „наздравје кафенце“ и „лека ноќ“, седум дена во неделата… Нема земја во регионот во која Карл Билд, поранешниот шведски министер за надворешни работи и претседавач на Советот на министри на ЕУ, нема помогнато да се најде некое конструктивно решение, а да го слушаше што му зборува кога минатиот април, на седум дена пред насилствата во Македонското собрание, неформално се сретна и со Груевски во Скопје, сигурен сум дека тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ сега ќе беше барем до колена, а не до гуша во калта во која се наоѓа… Амбасадорот Ален Ле Роа ќе мора да ни помогне во барем мало авансирање на нашите позиции во Париз, бидејќи со Французите, традиционално, имаме компликувани, амбивалентни односи, со оглед на нивната тврда српско-грчка балканска оска на интереси во регионот… Со оглед на надворешно-политичкиот (а и, воопшто, другиот) хаос што владее во Вашингтон, не сум сигурен колку американскиот дипломатски тешкаш од ерата на Клинтон, Роберт Гелбард, може да ја турка нашата агенда кај Американците, но тие секако се најцврсто застанати зад нашето членство во НАТО… И искуството на Росен Плевленлиев, поранешниот претседател на Бугарија, е уште еден добар балкански „мост“ за зацврстување на односите со Софија, која во овој клучен период игра „пивотална“ улога за нашите евро-атлантски амбиции…
Да беше жив Ричард Холбрук, претпоставувам дека и тој, речиси по инерција, ќе се приклучеше на овој политичко-дипломатски Демолишн Бенд. Оти тој знаеше како и од каменот вода да исцеди.
Сѐ си мислам дека анти-НАТО круговите во Скопје би требало сериозно да се загрижат. Нашиот драг пријател и доброчинител од Русија, амбасадорот Шчербак, ќе мора во теоријата за македонската воена неутралност од неделава да вклучи и нови варијабили, оти македонската шанса за влез во НАТО тукушто стана многу поизвесна.
Извор: Цивил медиа