Ги читам честитките на водечките македонски политичари за победата на нашите ракометари против Украина, но и бодрењето на репрезентативците после поразот од Чешка. Од една страна, си велам, еве баш вака треба. Од друга страна, не можам а да не се насмеам…
Читам на официјалната ФБ страница на Зоран Заев, на пример. “Навиваме за македонската репрезентација”. “Горди сме на нашите # МК ракометари”. Па разни емотикони, меѓу кои доминира македонското знаме. Техничкиот премиер Оливер Спасовски е нешто поумерен, но и тој не отстапува од именката Македонија и од придавката македонски.
Бравос бе другарчиња! Милина една!
Но чекајте, каде ви е Северна? Не е ли ова официјален спортски настан (Европско првенство), на кој нашата репрезентација официјално настапува под името Република Северна Македонија? Што вели за тоа Преспанскиот договор? А?
Ништо, ама баш ништо не вели! Јас одамна се убедувам со некои наши “правоверници” дека треба да се прави суштинска разлика меѓу службеното име на нашата земја (да, тоа со придавката Северна) и неслужбеното име, кое според сите познати лингвистички правила е – Македонија. Тврдев и тврдам дека не само обичните луѓе, туку и нашите државници, можат слободно, во секојдневната неслужбена употреба (на пример, кога се радуваат на успесите на нашите спортисти), да зборуваат за Македонија, за македонска репрезентација, за македонски ракометари, за нашата земја, за нашите спортисти итн.
А ме караа за тоа. И тоа многу! Тврдеа дека нашето неслужбено име (“скратено име”, како што велат), не било Македонија, туку Северна Македонија. И дека она што јас го заговарам било спротивно на Преспанскиот договор и на Уставот. И дека и јас, и Плусинфо, и сите други новинари и медиуми требало да го усвоиме името Северна Македонија и придавката северномакедонски. Што, да ми простите на изразот, е класична глупост и малку повеќе од тоа – ветар во крилјата на антимакедонистите!
И ете, зошто сега Заев не навива за репрезентацијата на Република Северна Македонија? Зошто не ги фали ракометарите на Република Северна Македонија? Каде е сега професорот Тони Десковски, кој редовно ме кара мене, сега да ги искара Заев, Спасовски и сите други политичари, кои како да добиле “напад на патриотизам”?
Каде се Трич Гомбрович и Хајди (Хајдегер) Панчиќ да смислат некоја теорија зошто Заев сега баш и не мора да навива за Република Северна Македонија? Читам, Гомнович е пред сериозна дилема. Вели: “Дали да не ги гледам македоџаните или да навивам за Чесите!?” Се прашувате, кои се “македоџаните”? Како кои?! Па тоа се истите оние кои Ванчо Михајлов, во последното интервју, ги нарече “македонистички говеда”. Тоа сме ние, Македонците. А за вас кои не знаете кој е Михајлов, само скудна информација – тој е лево крило на чешката ракометна репрезентација.
Но, овој пат сепак не ни се потребни објаснувања за поведението на политичарите. Апологетите не мора да се трудат. Сè е јасно. Нуждата го менува законот, драги мои. А Заев и заевци сега се во голема нужда. Пред избори се. Неизвесни избори. Кој смее сега да зуцне за Северна? Сега дури и “Ја излези Ѓурѓо” и ” Едно име имаме” не им пречат. Ништо што може да им донесе гласови, или, подобро речено, ништо што може да им одземе гласови, сега не им пречи. Се води борба за гол опстанок на власт.
Се разбира, сите ја гледаме таа хипокризија. И ни доаѓа понекогаш да подвикнеме – Заев, кажи сега Северна, ако смееш! Но, тоа би било малициозно. И непотребно. Луѓе, да се радуваме што некои политичари и се вратија на Македонија, макар и на ваков начин. Тоа е голема придобивка за сите нас.
Што се однесува до мене, јас нешто посебно не навивам. Ракометот не е мој спорт. Не се потресувам за резултатите. Ми се допаѓа што ракометарите даваат сè од себе и играат срчано. Мене тоа ми е повеќе од доволно. Оној Кире Лазаров, на пример, уште малку ќе наполнел 40, а трча и скока ко змај. Тоа е за почит. Што сакаме повеќе? Сме изгубиле од Чесите. Чудо големо! Топката е тркалезна. Ќе победиме во следниот натпревар. Важна е борбата.
Како и да е, убаво е што нашите политичари конечно сфатија дека не е страшно ако својата земја ја нарекуваат “Македонија” и во вакви прилики. И дека не мора, како папагали, постојано да повторуваат Северна. Нека останат малцинство оние што ги поделија Македонците и што од петни жили се потрудија – и уште се трудат! – да го потценат и да го искомпромитираат македонизмот како некаков антиисториски авантуризам.
И да… На следниот натпревар на нашите ракометари, овие последниве, задолжително нека навиваат за противникот и против Македонија, ако пак не биде “Северна”. Им личи, бе!