Јавен обвинител во координација со екипи на крим-техника од Министерството за внатрешни работи (МВР), изврши увид во куќа на улицата Александар Македонски во Прилеп каде утринава во 8 часот беа пронајдени две безживотни тела, соопшти Јавното обвинителство.
Како што е наведено во соопштението, станува збор за 41-годишната А.П и нејзината 64-годишна мајка Т.К., двете со прострелни рани. Во нив пукал сега осомничениот 50-годишен поранешен сопруг и зет на починатите. Со две прострелни рани се здобило и уште едно лице, брат и син на оштетените, кое било во просторијата. Во обидот да биде совладан, повреден е и осомничениот. Повредениот оштетен и осомничениот се пренесени во прилепската болница каде им се укажува медицинска помош.
„Во насока на расчистување на кривично правниот настан, по наредба на јавниот обвинител подигнати се и обезбедени траги од лице место. Издадена е наредба за обдукција над починатите. Обезбедените траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење. Јавниот обвинител издаде и Наредба за претрес во домот на осомничениот прилепчанец кој, според сознанијата на обвинителството, поради претходно нарушени брачни односи не живеел во заедница со неговата сега почината сопруга“, наведено е во соопштението.