Премиерот Оливер Спасовски попладнево заедно со претставници на институциите, беше во посета на местото каде што се случи пожар во семејна куќа во Шуто Оризари, во која загинаа две малолетни деца.
Спасовски изрази сочувство до семејството, градоначалникот и до граѓаните на Шуто Оризари, за големата трагедија.
– Изразувам длабоко сочувство до семејството, градоначалникот и граѓаните на Шуто Оризари, за големата трагедија што се случи. Заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика излеговме веднаш на терен. Ќе обезбедиме сѐ што е потребно како првична помош, итно сместување и финансиска помош – рече премиерот Спасовски за време на посетата на местото на несреќата.
Спасовски најави дека со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ќе разговараат за определување пари заедно со локалната самоуправа за да се подобри инфраструктурата во општината.
„Ќе направиме сѐ што е потребно да обезбедиме првична помош за семејството уште денес, сместување и финансиски средства, а дополнително ќе разговараме за подобрување на инфраструктурата, за во иднина да не ни се случуваат вакви немили настани“, напиша на својот профил на Фејсбук премиерот Спасовски.
– Со голема тага ја примив веста за смртта на двете деца во пожарот во Шуто Оризари. Како родител, сочувствувам со големата болка што ја почувствуваа денес нивните родители. Тоа е огромна човечка трагедија чија загуба е ненадоместлива и која не може да се изрази со зборови. Но, мора да се остане силен и човечен. Ќе сторам сѐ што е во моја надлежност, да им помогнам на семејствата. Знам, дека болката е ненадоместлива, но нивните браќа и сестри ќе ја имаат мојата максимална поддршка во секој поглед. За таа цел, како Министерство за труд и социјална политика им е понудено сместување и еднократна парична помош – изјави министерката за труд Рашела Мизрахи.