Во пукањето во основното училиште во северно Мексико загинале напаѓачот – единаесетгодишно дете и неговиот наставник во кого било пукано од два пиштола, соопштија денеска локалните власти додавајќи дека шест лица се повредени.
Гувернерот на државата Коавила, Мигел Анхел Рикелме, изјави дека ученик од шесто одделение убил наставник, а потоа се самоубил.
– Според првичните резултати од истрагата, момчето дошло во неговата училница и им рекло на соучениците „Денеска е тој ден “, а потоа побарало дозвола да оди во тоалет. Кога ученикот не се вратил по 15 минути, наставникот тргнал да го бара. Детето излегло од тоалетот пукајќи од два пиштола, а пукањето завршило кога се застрелал – информира Рикелме.
Според него, ранети се пет ученици, како и наставник по физичко.
Локалните медиуми јавија дека детето живеело со баба му и со дедо му, а неговата мајка починала пред неколку години.
Рикелме истакна дека момчето претходно не се однесувало проблематично во училиштето.
Полицијата истражува наводи дека бил под влијание на некоја видео игра.
Пукањето се случило во приватно училиште во центарот на градот Тореон.