Тажна вест ја разбранува Македонија на само неколку часа пред пристигнувањето на Новата 2020 година: „На 81-годишна возраст почина академикот Ратко Јанев“.
И сега, веројатно се прашувате зошто дури по 10 денови од неговото упокојување ние повторно пишуваме за него?! Ќе ви одговориме многу едноставно: Затоа што заслужил!
Треба добро да запаметите дека Ратко Јанев не беше обичен научник и академик. Тој беше професор со светски углед во областите на атомската и нуклеарната физика. Тој беше член на МАНУ, професор и консултант на повеќе светски познати универзитетски институци. Тој беше единствениот научник од Македонија кој има издадено над 600 научни трудови во меѓународни списанија со импакт фактор (SCIndex или IF). Тој беше и еден од предлагачите на кандидатите за Нобелова награда за физика во осумдесеттите и во деведесеттите години на минатиот век. Тој е еден од најцитираните физичари во областа на атомската физика. Тој е добитник на престижната Хумболтова награда за физика. Тој, Ратко Јанев, е легенда на Македонија.
Се прашувате која е вистинската формула за и вие да бидете гениј како академикот Јанев?
Ако погледнеме во неговата биографија, тогаш она што треба прво да го сторите е да се родите во Свети Врач, денешен Сандански. Потоа, гимназија да завршите во Скопје, а да дипломирате на Електротехничкиот факултет во Белград. Подоцна да ги завршите постдипломските студии на Природно-математичкиот факултет и веднаш да се вработите во Институтот за нуклеарни науки во Винча. По неколку години, пак, потребно е да специјализирате на Ленинградскиот државен универзитет.
Подоцна, треба да работите како научен советник во Институтот за нуклеарни науки, но исто така потребно е да држите курсеви на ПМФ во Белград, како и да држите предавања по атомска физика во Скопје и на повеќе европски и американски универзитети.
Треба исклучиво добро да се разбирате од областа на општите и методолошките проблеми на квантната теорија, теоријата на заемните дејствувања и судирните процеси меѓу атомските честички. Покрај ова, треба да ве интересираат и астрофизиката, физиката на јоносферата, на тешките јони и на јонските извори.
Ако сето ова ви изгледа тешко и недостижно, тогаш е голема веројатноста да сте во право. Впрочем, гениј како Ратко Јанев само еднаш се раѓа!