Преправањето, мамењето, како и сите видови сетилна и когнитивна манипулација и доведување во заблуда на своите „домаќини“ и жртви, се вообичаените средства за преживување на многуте видови паразити во милионите години од нивната еволуција на земјата. Фасцинантен е примерот на европската aлкон пеперутка, онаа нежно сина ливадска пеперутка што во еден кус период ги бои ливадите во централна Европа, која во својот возбудлив животен циклус во потполност зависи од успешноста на заблудата во која ги доведува опасните мирмика мравки.
Како се случува ова колосално паразитско заблудување? Откога пеперутката ќе ги положи своите јајца во безбедното зеленило на ливаѓето, од нив се излегнуваат гасеници што обилно се хранат со лиснатата храна, додека да се здебелат и станат неподвижни ларви, токму во пресрет на убиствено студената зима. Во тој момент, ларвите на пеперутката прават нешто отпрва несфатливо: се испуштаат од безбедната прегратка на билките и како самоубијци паѓаат на ливадскиот под, каде што царуваат опасните организирани орди на мравките!
И, тука се случува пресвртот: наместо да ги убијат како храна, мравките се измамени од мирисот на пеперуткините ларви – што е по хемиски состав практично идентичен на мравкините сопствени ларви – и ги земаат измамничките паразити, со родителска грижа да ги носат во нивните топли мравјалници. Таму ги хранат и негуваат измамниците, сè додека не станат џиновски кокони од коишто следната сезона се измолкнуваат пеперутките и полетуваат да ги бојат во сино ливадите за повторно да го отпочнат циклусот на парење и несење јајца. Префинетата и сурова измама оди дотаму, што како прејадените паразитски ларви стануваат џинови, толку повеќе мравките ги хранат, поради тоа што манипулацијата со мириси во таа фаза го комбинира и мирисот на мравјата матица, на чиешто безусловно хранење и сервисирање им е посветена целата мравја заедница.
Паразитска измама
Оваа паразитска измама со маскирање и затскривање зад мирисен вел е практично смртоносна за заедниците на мирмика мравки, зашто научниците открија дека овие паразити доведуваат до одумирање на цели мравјалници. Но, неодамнешните истражувања во Данска докажаа и дека мравјите заедници што ја преживеале паразитската измама, стануваат отпорни на мирисната заблуда, развивајќи нови нијанси во мирисот на своите ларви, па еволуциската „трка во хемиското вооружување“ продолжува да се случува во тајниот живот на европските ливади!
Ќе речете, почитувани читатели, кој им е виновен на мравките што имаат само мирисно сетило, а не и сетила на слухот и на видот – како нас, па ќе можеа да ја видат и разоткријат одвратната измама. Меѓутоа, токму е обратното. Тоа што човечкиот вид е опремен со куп сетила, и згора со огромен и во целото животинско царство единствен мозок кој го обработува обилството информации што ги добива од сетилата, не само што не ни помага во разоткривањето на измамите и манипулациите на коишто сме изложени, туку нѐ прави многу поподложни на нив. Изгледа дека целата културна историја на човештвото – особено обилно документираната историја од последниов век – јасно укажува не само дека сме вид исклучително подложен на измами од секаков вид, туку дека сме социјален вид што опстои единствено во заедници – цели општества! – чијашто структурна преѓа се состои единствено од измислени приказни, митови и лаги. И уште нешто: за разлика од мравките, за кои е веќе докажано дека учат од сопствените заблуди што ги чинеле многу животи, кај нас сапиенсите не може да се забележи ниту милиметар еволуција во препознавањето на своите паразити, ниту чекор напредок во способноста да учиме од претходните паразитски измами што едвај сме ги преживеале. Ова особено се однесува на најстариот вид сапиенси на планетата, на македонските сапиенси.
Вие веќе погодивте, повторно му се навраќам на паразитскиот феномен наречен ВМРО, што е составен сал од лаги и измамнички патриотски мириси со кои веќе премногу пати успеа да ги измами македонските домаќини, да го хранат и гојат како што тоа залудно го прават мравките со одвратните дебели гасеници, на сметка на своите сопствени млади, упорно и слепо, задоени со лажниот мирис на македонштина, до пропаста на сопствената заедница.
Циклуси на измами и заблуди
Апсолутно се во врска со ВМРО е лага, кражба или злостор. Од подмолното присвојување на датумот – 23 октомври 1893 година за свој роденден (на кој датум, инаку, во задното сопче од книжарскиот дуќан на Иван Хаџи-Николов во Солун, се сретнале шестемина основачи на револуционерната организација – Даме Груев, Христо Татарчев и другарите, без да помислат како организацијата би се викала, за што пак, првпат станало збор дури идната година, кога се договориле името да биде Тајна македоно-одринска револуционерна организација, значи ТМОРО, а основачите, учесниците на Солунскиот конгрес во 1896 година, па и Гоце Делчев, до својата смрт да не знаат за ВМРО, која е основана дури по Првата светска војна), до кражбата на македонскиот хералдички лав; од ветеното „македонско национално единство“ на териториите на „трите Македонии“ и закажувањето на вториот партиски конгрес на ДПМНЕ во Солун, до растурањето на земјата со меѓуетничка војна и планови за размена на територии и население помеѓу Македонците и Албанците; од воспоставување на фашистичка мафијашка диктатура со злоупотреба на сите институции на државата 2006 – 2017 година, до крадење на десетина милијарди евра народни пари, претворање на престолнината во провинциска фашисоидна гротеска и културно уништување на генерации млади низ образовна и медиумска кретенизација; од шестмесечното злосторничко одбивање да се воспостави легалната власт по изборите во 2016 година што заврши со крвавиот априлски пуч, до нивната деструкција на сите судски и собраниски процеси, заклучно со сегашното перверзно злоупотребување на „техничката влада“ што треба да подготви кредибилни услови за демократски избори во април; значи сѐ, буквално сè во врска со ВМРО-ДПМНЕ е лага, кражба или злостор.
И по сите овие циклуси на измами и заблуди, по децении нивно гоење и паразитско уништување на македонскиот културен и државен проект, ние сè уште не можеме да ја препознаеме нашата сопствената смрт во паразитот и да се ослободиме од него. Но, надежта умира последна: можеби оваа пролет конечно ќе сфатиме дека нашата декапацитираност да го обезбедиме закрепнувањето на општеството потекнува, пред сè и најмногу токму од фактот што ВМРО сè уште вирее безбедно во својата украдена бела палата, како џиновска паразитска ларва што повторно ја испушта својата опојна реа што лажно предизвикува патриотски еуфории кај измамените домаќини.
Можеби ќе ја сфатиме несразмерата помеѓу нашите тривијални разочарувања и огромноста на вмровските злостори што повторно и се закануваат на нашата иднина? Можеби, сепак, до изборите ќе научиме да го препознаеме смртоносниот паразит, макар колку што тоа направија мравките со нивната смртоносна пеперутка.