Кампањата за изборите во април ќе биде најцрна во историјата на Македонија

Хамлетовото „да се биде или не“, што сега постојано си го поставуваат лидерите на двете најголеми политички партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, е една од главните причини поради што се очекува кампањата да биде многу црна и многу тензична.

847

Во втората половина на март официјално ќе започне кампањата за предвремените парламентарни избори закажани на 12 април, а тоа значи дека граѓаните уште сега треба да започнат психички да се подготвуваат за да би можеле да ги истрпат сите негативни и плукачки реторики што во тој период ќе излегуваат од устите на политичарите.

Вакви совети делат политичките аналитичари кои тврдат дека претстојната кампања ќе биде една од најцрните и најнегативните кампањи во историјата на државата.

Хамлетовото „да се биде или не“, велат тие, што сега постојано си го поставуваат лидерите на двете најголеми политички партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, е една од главните причини поради што се очекува кампањата да биде многу црна и многу тензична.

Лоша комбинација

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за Плусинфо објаснува дека потпишувањето на Преспанскиот договор, како и членството на земјава во ЕУ и во НАТО, направило многу страшна поделба во македонското општество, која на крајот ќе резултира со максимално црна и негативна кампања.

– Квалитетот на политичкиот центрус се намалува во континуитет, а тоа значи дека секоја наредна предизборна кампања е поцрна од претходната. Втората причина е тоа што и за двајцата партиски лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски, токму овие априлски избори се „да се биде или не“. И третата и најважна работа е тоа што Преспанскиот договор, членството во НАТО и во ЕУ, направи една многу страшна поделба на општеството, односно политичарите се поделија на патриоти и на предавници. Истата поделба се случи и кај граѓаните и токму затоа тие меѓусебно се сметаат за непријатели, а не како за сограѓани кои имаат различно политичко размислување. Овие три фактори во комбинација прават да биде кампањата многу црна и тензична – објаснува Арсовски.

Реваншизмот пуштен на најсилно

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров, пак, вели дека во поглед на негативното делување, скоро сите предизборни кампањи од 1991 година не се разликувале премногу една од друга. Но, како што додава, токму оваа кампања за претстојните априлски избори ќе се издигне над сите и ќе биде една од најцрните кампањи во историјата на Македонија.

– Меѓупартискиот реваншизам за време на предизборната кампања ќе биде пуштен на максимум. Црни кампањи се воделе насекаде низ светот, но за разлика од кај нас, таму секогаш постоел „фер плеј“. Прво и основно, во земјава има огромен недостаток на основна култура и воспитување. Како што се одвиваат работите, воопшто не би ме чудело ако партиите наскоро започнат буквално да се тепаат една со друга. Спротивставеност постои и во албанскиот блок, но таа спротивставеност си има некакво мерило и ограничување. Кај македонските партии такво мерило не постои. Во секој случај, не ни се пишува добро и сметам дека претстојната кампања за изборите ќа ја паметиме уште долго време. За жал, по лошо – објаснува Лазаров.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...