Двојазичноста на мала врата во судовите

680

Македонија секако не е изолиран случај во Европа во однос на законските решенија кои се заговараат во областа на службената употребата на јазиците. Но околностите стануваат интересни и добиваат во тежина особено по оценките на Венецијанската комисија дека во одредени области Законот за јазиците оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски на македонските јавни институции, а со што би можело да се загрози функционирањето на судскиот систем.

Каталонскиот јазик, кој е најголем малцински јазик во ЕУ, го зборуваат околу седум милиони луѓе во Шпанија. Во регионот Барселона, шпанскиот и каталонскиот во речиси ист обем се употребуваат како говорни јазици, но во поново време каталонските институции во своето работење го користат речиси исклучиво каталонскиот јазик.

Но тоа сепак не важи и за правосудството во Каталонија, во чии рамки мнозинството судски предмети се решаваат на шпански. Во 2009 година тоа се однесувало на 75 отсто од сите предмети во судовите, а во 2014 година е евидентирано зголемување на 88 проценти. Како главна причина се наведува дека судиите најчесто живееле и се образувале во други делови на Шпанија, така што не го познаваат доволно каталонскиот јазик. Но и покрај тоа, судската пракса покажува дека голем дел од судската документација се пишува на каталонски (според еден извештај дури и до 80 отсто од вкупните материјали).

Во Белгија, официјално двојазична земја, – а која често се категоризира и како тријазична, доколку, освен двете големи заедници, франкофонската валонска и фламанската која зборува холандски, се вброји и третата помала германска јазична група, – законот за употреба на јазици во судовите датира од 1935 година. Во принцип, јазикот кој се користи во надлежниот суд се одредува според географското јазично подрачје каде што се наоѓа судската инстанца. Под одредени околности постојат законски можности да се побара и промена на судскиот јазик. Но ова прашање е и често предмет на културни и политички тензии во Белгија, особено во периодот на избори, кога фламанските партии ги заоструваат своите барања за уште поголеми овластувања во областа на јазичните права, пред се во областа на образованието и судството.

Во белгиските медиуми граѓаните изнесуваат жалби, и тоа не само белгиски туку и граѓани од други ЕУ-членки, дека не постои можност да се добијат документи од локалните институции во фламанскиот регион во Белгија на некој друг јазик освен на холандски. Истата работа се однесува и на судовите во тој регион, на пример во Антверпен, каде што на голем број обвинети, судејќи според поднесените жалби, освен на холандски, не им се дозволува да зборуваат на некој друг јазик.

Уште поинтересен во овој контекст е примерот на Финска, која е единствената унитарна и официјално двојазична земја во Европа, со два национални јазика – фински и шведски, кои припаѓаат на две сосема различни јазични групи. Патем речено, со усвојувањето на Законот за јазиците во македонското Собрание, чија имплементација наидува на проблеми и нејаснотии, и Северна Македонија сега може да се смета како уште една европска земја со унитарен карактер во која се применува двојазичност.

Јазичниот закон во Финска е усвоен во 1922 година, а потоа во неколку наврати претрпел измени и дополнувања. Со последните судски реформи кои стапија на сила лани, бројот на двојазичните фински судови е намален од осум на пет, што од страна на шведската заедница веднаш беше протолкувано како удар против рамноправната употреба на шведскиот јазик во Финска. Мајчиниот јазик на околу 90 отсто од финските граѓани е финскиот, додека шведскиот го зборуваат нешто повеќе од пет проценти од граѓаните на Финска кои се припадници на шведското малцинство.

Како најголема тешкотија за непречено функционирање на двојазичните судови во Финска е вработување на доволен број судски персонал со „одлични познавања на малцинскиот шведски јазик и задоволителни познавања на мнозинскиот фински“. Но пред сѐ се бара судиите во двојазичните судови одлично да владеат, усмено и писмено, и со финскиот и со шведскиот за да можат непречено да водат процес во кој странките говорат на различни јазици. Критичарите укажуваат дека се неопходни поголеми заложби од страна на финската Влада за создавање неопходни претпоставки за зголемување на бројот на активни двојазични судии со цел да се „ефективизира и намали обемот на работата во судовите и да се скрати времето за завршување на судските процеси во разумни рокови“.

Ова се примери од земји во кои се издвојуваат енормни ресурси за примена на двојазични решенија во институциите. Финската двојазичност, на сите нивоа, општинско, регионално и држвано, чини стотици милиони евра. Во секој случај, постои општа согласност дека елементарна претпоставка за праведно судење е правото да се користи сопствениот јазик, што впрочем се гарантира во финскиот Јазичен закон. Но, како што во едно интервју нагласува еден фински двојазичен судија, „тешко може да се зборува за праведно судење доколку странките во судницата не се разбираат меѓусебно, или ако поради тоа судот не може на задоволителен начин да ја следи и разбере доказната постапка.“

Венецијанската комисија смета дека за примена на одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки во Македонија, а кои во Законот за јазици „се формулирани на толку широк начин“,  сигурно би биле потребни повеќегодишни подготовки за да бидат целосно спроведени“.

Адвокатот Мерџан Даути неодмана преку медиумите јавно побара Основниот кривичен суд да му овозможи одбраната во предметот ТНТ да ја води на албански јазик, и упати критика поради необезбедување симултан превод за време на целиот тек на постапката. Значи ли тоа, доколку судијата, по овој или некој друг предмет, не го зборува и разбира албанскиот јазик, дека би требало да се потпре исклучиво врз квалитетите со кои располага ангажираниот судски преведувач, во случај, на пример, кога и обвинителот и адвокатот на одбраната би зборувале албански? Колкумина од судскиот персонал, посебно кога се во прашање судиите чиј мајчин јазик е македонски, го разбираат албанскиот јазик? Дали, всушност, би биле потребни повеќегодишни, или можеби повеќедецениски напори за преку јазично образование и курсеви да се подобрат на солидно ниво познавањата на албанскиот јазик меѓу македонските судии?

Претпоставка за успешен двојазичен судски процес е судијата да располага со знаења и можности да го провери и контролира значењето на изјавите кои во даден момент му се нејасни. Во услови на неспорен недостиг на ресурси, правната сигурност и ефикасноста на судството не може да се унапреди така што во македонските судови на мала врата ќе се протурка двојазичност, ставајќи го судијата во незавидна положба самиот да се чувствува исфрустриран и несигурен во јазичната комуникација во судницата, која, всушност, за судијата, и неговата централна улога, би требало да претставува – најмал проблем.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...