Мизрахи: Нападите врз мене само ќе ме охрабрат

Техничката министерка за труд и социјална политика вели дека „наследила“ 11.514 нерешени барања за надоместок за помош и нега од друго лице.

441

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи денеска информира дека според податоците што ги добила од центрите за социјални работи во моментов има поднесени и нерешени 11.514 барања за надоместок за помош и нега од друго лице. Тоа, според неа, говори дека досега владата и Министерството што сега го предводи ги ставале под тепих проблемите на граѓаните.

– Податоците што ги добивме од центрите за социјална работа се загрижувачки. Фактичката состојба е фрапантна. Од 8.500 поднесени барања во периодот од 1 јуни до 1 октомври 2019 година до вчера решени се само 1.589 барања за надоместок за помош и нега од друго лице. Според овие податоци, до вчера до 16 часот се поднесени 4.603 нови барања кои воопшто не се пуштени во процедура за решавање, а причината се уште не е позната. Тоа значи дека во оваа држава во овој момент има, не 8.500 туку 11.514 нерешени барања за надоместок за нега од друго лице – рече министерката Мизрахи.

Ова, додаде таа, говори дека владата и Министерството претходно проблемите на граѓаните „ги ставале под тепих“. Тоа, потенцира Мизрахи, е недозволиво бидејќи смејствата се уште чекаат на помошта што треба да ја добијат.

Таа нагласи и дека на ваков начин се пробиени сите рокови, првичниот рок од 30 дена од поднесување на барањето и вториот рок од дополнителни максумум триесеттина денови доколку се работи за посложени предмети.

Ова, вели министерката, не е прашање на политика, туку на егзистенција и помош на граѓани на кои им е потребна нега.

– Нападите врз мене и мојот личен интегритет само ќе ме охрабрат дополнително да се борам за тоа што сум дојдена, а тоа е безусловно решавање на секој проблем што го има граѓанинот од мојата држава – рече Мизрахи.

Taa смета дека е срамно во политичка битка да се користат националната, етничката или верската припадност. Вели дека е горда на своето потекло, но дека Македонија е нејзин дом и нема да дозволи некој да го обележи народот како антисемитски. Појасни дека е родена и порасната во земјава, дека потоа заминала во странство каде го продолжила образованието и оти се вратила пред неколку години .

– Јас сум од оние луѓе кои се вратија дома. Македонија е моја држава. Јас сум дома и ова е мој народ. Нема да дозволам никој да го обележи мојот народ како антисеменски народ. Јас сум растена во средина во соживот и со Македонци, Албанци и со Турци, Срби, Бошњаци, со луѓе од различни етнички, национални и верски припадности. Никогаш тоа не било прашање. Никогаш не ми се поставило прашањето на моето име. Конечно на ниеден од јавните личности во политиката не се постави прашањето од која национална етничка или верска припадност е. Дали ќе беше спорно доколку бев Србинка, Влаинка, Турчинка… Антисемитизам во оваа држава ниту постоел, ниту постои – рече Мизрахи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...