Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска преку соопштение го осудија, како што наведуваат, говорот на омраза и антисемитските коментари кои последниве денови се појавија на социјалните мрежи.
Тие повикуваат на смирување на страстите и на враќање на рационалноста и меѓусебното почитување во јавниот дијалог од секој вид.
„Укажуваме на штетноста на ваквите појави, од која било страна да доаѓаат. Немаме разбирање за острастени политички препукувања зашто знаеме дека доведуваат до ескалации. Историјата и холокаустот постојано опоменуваат и потсетуваат дека антисемитизмот води кон назадување и деструктивност на цивилизациските и човековите вредности, права и слободи“, стои во соопштението.
Во нашата земја, дополнуваат, нема место за антисемитизам, ксенофобија и омраза, и треба да има нула толерантност кон обидите за ширење навреди и омрази кон поединци и цели заедници кои се поинакви заради нивната етничка, национална или верска припадност и поради тоа да се сметаат за „не достојни“ за учество во општествениот живот!
„Сите оние кои ги потикнуваат овие чувства би требало да направат длабок испит на својата совест и да увидат што точно предизвикуваат и креаираат со ваквите обиди. При тоа истакнуваме дека еврејскиот, како впрочем и ниту еден друг народ и неговите припадници не смеат да бидат користени од кого било како објект во политички, идеолошки и партиски вербални пресметувања“, истакнуваат Еврејската заедница и Фондот на холокаустот.
Апелираат до граѓаните, институциите и политичките субјекти да се спротивстават на ширење антисемитизам и омраза по кој било основ и активно да се вклучат во полето на културата на почит и сеќавање, образованието и истражувањето на холокаустот со цел да се разберат човековите права, но и облиците на нивно кршење. – Повикуваме на смирување на страстите и на враќање на рационалноста и меѓусебното почитување во јавниот дијалог од секој вид, се наведува во соопштението.