Владата на денешната седница одлучи да испрати помош од 6 милиони денари (97,6 илјади евра) за настраданите во пожарите во Австралија.
Како што е соопштено, парите ќе бидат обезбедени од резервите на Буџетот за 2020 година.
Владата на денешната седница разгледа и усвоени програми за работа на повеќе министерства, јавни претпријатија, агенции и акционерски друштва во државна сопственост.
Владата денеска ја усвои Предлог – програмата за развој на туризмот на Република Северна Македонија за 2020 година, како и годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко – планска документација и урбанистичко – проектна документација во Република Македонија за тековната година.
На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање на седницата е усвоена и Програмата за заштита на природата за 2020 година, како и Програмата за рамномерен регионален развој за оваа година на Министерството за локална самоуправа.
Согласно законските обврски за донесување на програмите за работа на почетокот на секоја календарска година, на денешната седница, на предлог на Министерството за здравство, се усвоени Националната годишна програма за јавно здравје во Република Северна Македонија за 2020 година, Програмата „Здравје за сите” за тековната година, Програмата за рана детекција на малигни заболувања и Програмата за трансплантација во Република Северна Македонија за 2020 година.