Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски предлага новиот Клинички центар да биде изграден во Општина Петровец. Предлогот Димовски уште денеска ќе го достави до сите 120 преатеници и до Комисијата за здравство. Тој во изјава за Плусинфо вели дека се надева на поддршка од колегите.
– Кога веќе Владата одлучила Клиничкиот центар да не се гради на претходно предвидената локација, време е да се предложат други решенија и алтернативи освен единственото за кое Владата размислува во Бардовци, на север од Скопје. Изградбата на Клиничкиот центар значително подобро би било да се гради во општина Петровец во споредба со сегашната локација во Бардовци – вели Димовски.
Петровец, според Димовски е подобра локација, бидејќи се наоѓа на стратешки добро поставена позиција во чиј радиус од максимум 40 километри се наоѓаат четири големи градови Скопје (10 км), Куманово (20 км), Велес (30 км) Штип (40 км).
Во балансиран радиус околу општина Петровец лесно и брзо гравитираат многу општини: Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско, Чашка, Велес, Лозово, Свети Николе, Карбинци, Штип, Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Арачиново, Илинден, Зелениково и градот Скопје.
Вкупниот број на жители на општините кои гравитираат на ова подрачје е околу 970.000 или близу половина од вкупниот број на жители на Република Македонија.
Општина Петровец е на инфраструктурно најдобрата позиција во Македонија. Тука е раскрсница за четири автопатски правци и тоа кон Велес и Гевгелија (јужно), новиот автопат кон Штип, кој ќе продолжи со експресни патни правци кон Кочани и Радовиш (источно), кон Куманово (север), кон Скопје, обиколница и кон Тетово, Гостивар (запад).
Димовски смета дека Петровец е подобра локација за новиот Клинички центар бидејќи таму се наоѓа и аеродром кој секогаш се користи и ќе се користи за превоз на пациенти кон регионалните и светски центри за лекување. Во таа Општина има значително големи парцели на државно земјиште што ќе ја ослободи Владата од планираните трошоци за експропријација на приватно земјиште во Бардовци, општина Карпош.
– Предлог иницијативата ќе биде понудена на поддршка на пратениците од сите политички партии со надеж дека ќе биде прифатена како надпартиска и со исклучителна намера да се донесат правилни одлуки во интерес на граѓаните на Република Македонија. Иницијативата ќе биде доставена до Владата и Министерството за здравство, со надеж дека ќе биде разгледана и прифатена, без разлика на тоа дека како иницијатива почнува по предлог на пратеник на опозицијата во Собранието – вели Димовски.