Дане Илиев: Адвокатите во ТНТ треба да се борат во судница, наместо да пишуваат писма

Авокатите треба да работат во интерес на своите клиенти и да се борат сите докази и факти, па и ако сметаат дека има прекршување на правата на обвинетите или какво било нарушување во постапката во контекст на правично судење, тоа да го кажат во судница, наместо надвор од судот или да пишуваат писма, како што се случува деновиве со бранителите во случајот ТНТ, вели Илиев.

669

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев и долгогодишен претседател на Основниот суд, смета дека е недозволиво однесувањето на адвокатите во ТНТ кои, како што вели, работат спротивно на интересите на нивните клиенти обвинети за незаконското уривање на „Космос“, објект во сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски, затоа што проблемите наместо во судница, се обидуваат да ги решаваат преку писма до првите луѓе во судот и Судскиот совет.

Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски во случајот ТНТ, како што објавивме претходно, денеска упати отворено писмо до претседателот на основниот кривичен суд Иван Џолев, а и до претседателот на Судскиот совет Киро Здравев.

– Адвокатите треба да работат во интерес на своите клиенти и да се борат сите докази и факти, па и ако сметаат дека има прекршување на правата на обвинетите или какво било нарушување во постапката во контекст на правично судење, тоа да го кажат во судница, наместо надвор од судот или да пишуваат писма, како што се случува деновиве со бранителите во случајот ТНТ- вели Илиев.

Ако на поротници им истекол мандатот, тоа тие треба да го укажат на судското рочиште и да бараат судот да постапи според законот, смета Илиев, а не своите сознанија, докази и факти да ги изнесуваат пред очите на јавноста.

– Тие дури треба да ги известат своите клиенти какви ќе бидат последиците за нив, ако фактите ги изнесуваат надвор од судницата, зошто тоа во никој случај не може да биде од интерес на обвинетите – смета Илиев кој порачува да се почитува законот, а ако се случило негово прекршување одбраната правдата да ја бара кај повисоките судски инстанци.

Иста порака денеска испрати и Министерсвото за правда кое побара „од сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите да го почитуваат законот“, а доколку дојде до негово прекршување, тоа да биде санкционирано.

Ваков апел беше испратен, откако претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев побара од Адвотатската комора, МВР и од Обвинителството да преземат соодветни мерки и да ги истражат, како што ги нарече, елементите на закани и притисоци упатени кон судот и судијата – поротник, по изјавите на адвокатите во „ТНТ“.

Адвокатот Страшевски тврди дека писмата кои се испратени до судот и до судијата поротник со истечен мандат не се ниту закани, нити притисоци, туку дека се само укажувања дека треба да се почитуваат законите за да се обезбеди владеење на правото.

Тој во денешното отворено писмо упати петнаесет прашања до претседателот на судот Иван Џолев, а кои се однесуваат на методологијата, критериумите и меѓународната судска пракса во случајот ТНТ, а кои како што, образложи треба да придонесат за ефикасност на постапката и почитување на правата на обвинетите и оштетените.

Според адвокатите, тоа што Судскиот совет не си ја заврши работа и закажа седница дури на крајот на јануари, не може да го одложи спроведувањето на законот зошто поротничката на која и заврши мандатот, по автоматизам не може да биде на функцијата, а тоа не мора Судскиот совет да го констатира на седница.

Судскиот совет иако извести дека за престанокот на функцијата на судиите поротници кои постапуваат во случајот ТНТ ќе одлучува на првата наредна седница тоа не го направи пред празниците. Подоцна информира дека немало време на таа седница на која беше разрешен судијата Владимир Панчевски да се расправа и за поротниците. Наместо разрешување, советот се правдаше со сугестија што им ја предложил претседателот на кривичниот суд Иван Џолев на двајцата судии поротици да им биде продолжен мандатот, што, според адвокатите во ТНТ, ако така постапи советот, не само што ќе го прекрши законот, туку ќе спроведе „класично силување на правдата“.

Кога Судскиот совет конечно ќе го констатира престанокот на функцијата на двете поротнички, Законот за кривична постапката (ЗКП) предвидува судските процеси во кои тие биле членови на судечкио совет, а во кои немало поставено заменици да почнат од почеток.

ФОТО: ТВ АЛФА

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...