Авиокомпаниите го избегнуваат воздушниот простор над Ирак и Иран

160

Повеќе светски авиокомпании ги пренасочуваат своите летови за да го избегнат воздушниот простор над Ирак и Иран по ракетниот напад на Иран врз две бази во Ирак кои ги користат американски војници.

Австралиски „Квантас“ соопшти дека ќе ги промени рутите на летање од Перт до Лондон, што значи дека ќе може да превезе помалку патници и да користи повеќе гориво за да ги задржи авионите на таа линија да летаат 40 до 50 минути подолго.

„Малезија ерлајнс“ исто така соопшти дека нивните авиони поради новонастаната состојба ќе го заобиколуваат воздушниот простор над Иран.

„Сингапур ерлајнс“ најави дека и нивните авиони на пат кон Европа ќе го избегнуваат воздушниот простор над Иран.

Француската авиокомпанија „Ер Франс“ исто така објави денеска дека ги прекинува летовите над ирачкиот и иранскиот воздушен простор.

Компанијата наведува дека одлуката е донесена во согласност со одлуките на француските и регионалните власти ширум светот, да се обезбеди највисоко можно ниво на безбедност на летот.

Американската федерална администрација за авијација (ФАА) претходно им забрани на американските авио-превозници да летаат во воздушниот простор на Ирак, Иран, Оманскиот залив и водите меѓу Иран и Саудиска Арабија, по ракетниот напад ноќеска во две бази со американски војници во Ирак.

По нивната објава, индискиот Директорат за цивилно воздухопловство ги советуваше индиските авиопревозници да го избегнуваат воздушниот простор на Ирак, Иран и Персискиот залив.

Меѓутоа, „Катар ервејс“ соопшти дека нема да ги суспендира летовите кон Ирак.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...