Како ноќ и ден, ја оцени состојбата во Македонија поранешниот генерален секретар на НАТО Лорд Џорџ Робертсон, споредувајќи ја ситуацијата во 2001 и сега и нагласувајќи дека земјата тогаш била на работ на крвав конфликт, а денеска е европска држава.
Лорд Робертсон во интервју кое вечерва го даде за МИА вели дека групата Охрид ќе соработува со сите политички структури во земјава – власта, опозицијата, Парламентот, претседателот.
Нема да постојат стриктни механизми на комуникација. Некогаш средбите ќе бидат физички, а некогаш виртуелни, зависно од околностите.
– Во ова современо време не мора да се ограничуваме на физички контакти. Можеби ќе имаме средба за време на Самитот ЕУ-Западен Балкан. Ние сме еден вид виртуелни советници – вели Робертсон во интервјуто за МИА.
Целта на групата „Охрид“ е да се зголеми свесноста колку е важно за Балканот како целина Македонија да стане членка на НАТО, како земја која од 90-тите години на минатиот век до денес многу инвестирала во својот напредок.
– Нема влез во НАТО без консензус на сите членки – нагласува Робертсон во однос на прашањето дали Македонија ќе добие покана за членство на Самитот во јули и доколку не биде постигнато решение за името со Грција.
Изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на посетата на Македонија на почетокот на годинава дека нема влез без решено име, ја оцени како факт и додаде дека НАТО функционира врз база на консензус.
Не даде оценка дали Македонија и Грција во обновениот преговарачки процес конечно ќе постигнат решение, но вели дека нема причина да се оди назад и оти во интерес на Грција е да се пронајде решение, а Македонија да стане дел од Алијансата.
На прашањето дали Грција како членка на НАТО со блокадата на влезот на Македонија ја нарушува стратегијата на Алијансата за регионот, рече дека НАТО се залага за стабилноста на Западен Балкан.
– Тоа е во интерес на сите земји членки на НАТО, знаеме што се случи во минатото кога Балканот се дестабилизира, сите имаат интерес за поголема стабилност. Македонија има евроатлански институции и таа стабилност сите ние ја бараме – рече Роберстон.
Во врска со тоа колку резултатот од преговороте зависи од напорите на Македонија, а колку од добрата волја на Грција, Роберстон истакна дека зависи и од двете страни, од оние кои учествуваат во преговарачкиот процес.
Македонија, според Робертсон, оди напред, солуцијата за напредок е постигната уште во 2001 година.
– Продуциравме солуција во 2001 која не беше пријатна за двете екстремни страни, но раководните луѓе во тоа време, тогашниот премиер Георгиевски, претседателот Трајковски, Џафери и Ахмети како претставници на албанските партии сфатија дека мора да направат компромис. Јас живеев со целата ситуација и помогнав да се постигне тој компромис за на крајот на денот да се постигне продуцирање и мирот во земјата која можеше да биде уништена од војна – вели Робертсон во интервјуто за МИА.
Според Робертсон, вистински патриотизам за Македонија е да се направи она што е најдобро за идните генерации, а тоа е економски напредок, добри врски со соседните земји и градење на општество засновано на вистински вредности.
– Вистински патриотизам за вашата земја е да се отстранат препреките за напредок и раст. Вистинските патриоти се оние кои веруваат во раст на економијата, во подобрување на врските со соседните земји, градење на општество засновано на вистински вредности, слобода на говорот, слободни медиуми, владеење на правото. Тоа се вредностите кои ние на Западот ги почитуваме. Вистинските патриоти во оваа земја се оние кои гледаат долгорочно, рече Робертсон.
Додаде дека понекогаш екстремите мора да се тргнат настрана и како што рече да се стават на задното седиште со цел да се обезбеди подобра иднина за младите.
Во врска со денешната изјава на рускиот амбасадор Олег Шчербак дека Македонија треба добро да размисли во врска со нејзиното членство во НАТО, Робертсон рече дека додека тој бил генерален секретар на НАТО, Алијансата и Русија имале добри односи.
– Сакам да има добри односи меѓу нас и Русија и денес и во таков случај вакви изјави нема да бидат изнесувани. Мора да сфатиме дека стабилноста на Западниот Балкан е нешто што е во интерес на сите, рече Робертсон во интервјуто за МИА.
На прашањето дали е можно во Македонија да се повтори конфликтот од 2001 година доколку државата не стане членка на НАТО, Робертсон е дециден дека тоа не може да се случи.
Во интервјуто за МИА не информираше дека вечерва имал средба со лидерот на ДУи Али Ахмети при што добил впечаток дека во интерес на сите е да се оди напред и да не се повторуваат грешките од минатото. таков впечаток добил и во разговиорте со другите политички партии.
Целосното интервју МИА ќе го објави утре.