Адвокатот Даути повторно бара да ја води одбраната за ТНТ на албански јазик

Тој се жали дека не може квалитетно да ја подготви одбраната на обвинета Елисавета Најдовска во предметот ТНТ бидејќи од Основниот кривичен суд сѐ уште не ги добил преведени сите списи и докази кои ги побара на 04.11.2019 година од овој суд. Дополнитлено вели дека не ги добива ниту  записниците од рочиштата, а секој ден има рочиште.

1519

Адвокатот Мерџан Даути денеска преку медиумите јавно побара Основниот кривичен суд да му овозможи одбраната во предметот ТНТ да ја води на албански јазик, потсетувајќи на Уставот и Законот за употреба на јазиците.

Тој се жали дека не може квалитетно да ја подготви одбраната на обвинета Елисавета Најдовска во предметот ТНТ бидејќи од Основниот кривичен суд сѐ уште не ги добил преведени сите списи и докази кои ги побара на 04.11.2019 година од овој суд. Дополнитлено вели дека не ги добива ниту записниците од рочиштата, а секој ден има рочиште.

– Сепак морам да истакнам дека со досегашниот начин на водење на судските рочишта ми се ограничува правото на користење на албанскиот јазик како мој мајчин јазик за службена употреба во судската постапка, што е спротивно на Амандаман V од Уставот на РСМ и член 9 од Законот за употреба на јазиците, кои имаат за последица загрозување на правото на одбрана (заштитено со член 6 ст.3 од Европската конвенција за човекови права) и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка – вели Даути.

Даути обвинува дека судијата Огнен Ставрев свесно избегнува ова негово барање да го внесе во записниците за одржување на рочиштето, со што, како што тврди, го оневозможува да поднесе жалба и да превземе други правни дејствија.

– Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали, односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на постапката.Во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби нa друг закон, органите се должни да го применуваат членот 9 од Законот за употреба на јазиците – тврди Даути.

Според него, Основниот кривичен суд Скопје, најпрвин треба и мора да обезбеди услови за одржување на рочиштата, почнувајќи од самите записници за нивно одржување.

– Поради тоа што, неопходно е, со завршување на самото рочиште да ни се даде примерок од записникот, кое нешто никогаш не е направено, најмалку да ни се доставуваат, поради тоа што не се спремни да ги испринтат записниците за целата одбрана и обвинителството – вели тој.

Тој се жали дека поради ваквата состојба тешко може да ја подготвува одбраната и посебно вкрстеното испитување на сведоците, а закажаните рочишта едноподруго не му дозволуваат да биде подготвен за секој ден. Тој се повикува на институтот судење во разумен рок.

Наведува дека по празниците почнувајќи од 13 до 27 јануари секој ден има расправа.

Даути на 04.11.2019 година стана бранител на Елисавета Најдовска во судскиот случај ТНТ и побара преводи на сите списи од македонски на албански јазик.

Судијата Огнен Ставрев, кој го води судењето за предметот ТНТ за уривањето на „Космос“ на Фијат Цаноски поднесе дисциплинска постапка против Даути, под сомневање дека сака да го одолговлечи судењето со тоа што бара да му се преведат сите списи од двегодишното судење и да ја злоупотреби службената положба како адвокат.

Ставрев поради блокирање на случајот го казни и со 2.000 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...