Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески за Алсат-М вели дека ги следи сите написи поврзани со случајот „Рекет“, но смета дека без конкретен доказ или имиња, информациите остануваат на ниво на шпекулација.
– Не располагаме со други податоци, за други имиња инволвирани во „Рекет“. Доколку некој друг располага нека ги достави до Обвинителството за да постапува. Ги имаме предвид сите написи, но доколку некој посочи конкретен доказ, документ, ние сето тоа ќе го прибавиме и ќе постапуваме. Предметот се води неселективно – рече Јовески за телевизијата.
Јовески, исто така, ги отфрла како шпекулации и тврдењата дека Боки 13 барал да го спроведат кај него за да сподели доверливи информации, посочувајќи дека досега тој му се обратил со писмен допис само еднаш, во кој се жалел на лошата здравствена состојба.
– Таква средба не барал. Бојан Јовановски сега е во судница и доколку сака, има факти или околности сите може да ги изнесе јавно и на судско рочиште – вели Јовески за Аласт.
Неговата изјава следува откако вчера порталот Вечер.мк објави дека Бојан Јовановски во исказ пред обвинителката Вилма Русковска кажал дека парите од рекетот ги предал на луѓе блиски до Зоран Заев, по што јавната обвинителката синоќа ги демантираше обвинувањата.
Новинарот Бранко Героски во својата вчерашна колумна праша „Кои се петте луѓе блиски на Заев што ја менаџирале аферата „Рекет“ од втор план и дали некој од нив знае каде се парите?