Точно ли е дека „професорот“ вклучен во рекетарската мрежа е доскорешен кандидат за претседател на државата, долгогодишен професор на Правниот факултет „Јустинијан Прима“ во Скопје, лустриран за соработка со службите, а „советникот од странство“ е еден балкански мешетар, со искуство во енергетиката, кој што Зоран Заев го довлечка од Белград во македонската влада, а за кого што балканските политичари го предупредуваа Заев, праша денеска на прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, откако синоќа новинарот Бранко Героски ја објави колумната „Кои се петте луѓе блиски на Заев што ја менаџирале аферата „Рекет“ од втор план и дали некој од нив знае каде се парите?“.
Тој ги повика поранешниот премиер Зоран Заев, Владата и Обвинителството да одговорат, дали рекетарската шема е сочинета од наведените луѓе.
– Точно ли е дека „новинарот“ вклучен во рекетарската мрежа, а за кој што пишува Героски, е самопрогласен бард на македонското новинарство на браникот на рекетарската 1ТВ, единствен поранешен директор на Јавниот сервис со средно образование, единствен новинар со безбедносен сертификат, издаден за да има увид во досиејата на потенцијалните рекетирани? Точно ли е дека „соработничката“, „носител на акцијата“ во рекетарската мрежа, блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, е истата заради која што се измисли позиција заменик – претседател на партијата СДСМ, и има подарени чевли од Боки13? Точно ли е дека човекот „од најголема доверба“ вклучен во рекетарската мрежа, за кого што Героски пишува дека „без него не може да се стокми ниту еден бизнис во земјата“, „без аванс од извесна сума евра“, е истиот човек за кого што Заев вели дека седнува со министри, како министерот за здравство, за да „помага на луѓе“ – праша Стоилковски, истакнувајќи дека оваа исплетена рекетарска мрежа, води до главата на октоподот, до шефот на државната мафија.