Во рамки на подобрување на велосипедската инфраструктура во Град Скопје, во текот на 2019 година се реконструирани постојни и се изградени нови велопатеки во должина од околу 16 километри. Деновиве започна и големиот проект за поврзување со велосипедски патеки на населбите Маџари и Ченто со останатиот дел од градот.
Како што соопштија од Град Скопје, во моментов се вршат градежни работи за изградба на нова велосипедска патека на булеварот Александар Македонски, од клучката Естекада до улицата Благоја Стефковски.
Паралелно со овие активности, во рамки на проектот за реконструкција на улицата Благоја Стефковски, во моментов се работи на изградба на нова велосипедска патека на потег од крстосницата кај улиците 15.Корпус и Методија Андонов – Ченто до крстосницата со улицата Петре Филиповски – Гарката и свртувањето кон улицата Перо Наков и Металски Завод – Тито во должина од 870 метри.
Инаку, завршени се градежните работи за изградба на велосипедска патека на бул. Киро Глигоров, на потег од крстосницата со улицата Перо Наков до улицата 808, а во наредниот период истата ќе се поврзе до клучката Естекада, со што ќе се добие дополнително поврзување (конектор) во правец север-југ, којшто ги спојува општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба. Четирите постоечки рути, вклучувајќи го и кејот на реката Вардар се врзуваат со новите велосипетски патеки во населбата Маџари.