Поминаа 17 години кога последен пат се обратив на прес- конференција во Скопје, но тогаш бев во време кога Македонија се соочуваше со криза, а земјата сега почнува да го трасира својот пат кон просперитетниот свет, рече лорд Џорџ Робертсон, кој ја предводи групата високи дипломати во посета на земјава.
Македонија, во еден период од неговиот живот, била во фокусот на неговото внимание и како што рече постоела можност за нејзина поделба, но сепак, тоа не се случило бидејќи лидерите на земјата застанале заеднички и храбро да се движат кон иднината.
Тој потсети дека околу 11 пати заедно со Солана ја посетиле земјава и биле сведоци на потпишувањето на Охридскиот договор.
– Земјата, која беше на работ на граѓанска војна, стана земја, која тропна на европските врати и ја разбра потребата за подобра иднина – рече Робертсон.
Тој нагласи дека новата група ќе ги советува Владата и министрите, но ќе биде достапна и за опозицијата и претседателот на државата.
– Вашата земја со цело срце се заложи за членството во ЕУ и НАТО. Но, ние немаме единствена формула за постигнување на овие цели. Не сме тука да дадеме лажни ветувања. Важно е Македонија и Македонците да се заложат да донесат одлуки, кои можеби нема да бидат лесни и популарни, но ќе бидат важни за сите идни генерации. Потребно е лидерство и раководство кое е одлучно и гледа во иднината. Тоа се случи во Охрид пред 17 години, а тоа ќе биде многу важно и денес – рече Робертсон.
Тој го поздрави лидерството кое го покажа премиерот Заев, како и поддршката на грчкиот премиер Ципрас за целиот процес.
– После години на талкање забележувам вистинска надеж за напредок. Ние ја нудиме нашата поддршка со понизност верувајќи во иднината на оваа земја и нејзиното место во ЕУ кое ќе биде од полза за земјата, но и за цела Европа – порача Робертсон.
Во групата, освен Џорџ Робертсон се вклучени и поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билд и истакнатите дипломати Кристофер Гајд, Роберт Гелбард, Ален Ле Роа, Волфганг Ишингер, Дајмонд Вилсон и Зоран Чичак.