Ќе му докаже ли државата на УНЕСКО дека не може да го спаси Охрид?

На државата ѝ беше даден рок до 1 февруари 2020 година да постапи по сите претходни барања на Комитетот за светско наследство, како и со исполнување на препораките на Реактивната мониторинг-мисија од 2017 година. Работите се помрднати од мртва точка, активности има, се работи на проблематиката, но не може да се оттргне генералниот впечаток дека дел од активностите се одвиваат бавно, несоодветно обмислено, со импровизации без соодветна вклученост и консултација на експертската јавност.

400

Mожноста Охридскиот Регион да биде ставен на листата светски природни и културни богатства во опасност, како прв чекор кон губење на сегашниот статус во УНЕСКО, недвојбено е прашање број еден во Охрид и за Охрид. Оваа година прашањето беше актуелизирано оттаму што беше предмет на дискусија на 43-тата седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одржана во јуни во Баку.

На состанокот во Азербејџан, Охрид за влакно го избегна усвојувањето на Нацрт-резолуцијата и, поточно кажано, деградацијата на статусот во богатство во опасност, со тоа што на државата ѝ беше даден рок до 1 февруари 2020 година да постапи по сите претходни барања на Комитетот за светско наследство, како и со исполнување на препораките на Реактивната мониторинг-мисија од 2017 година.

Државна делегација беше во Баку, каде што заедно со градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски реферираше подготвеност и решеност да се работи на зачувување на статусот. Граѓанските здруженија за заштита на Охридското Езеро и неговото крајбрежје се сè погласни дека тоа се прави на несериозен начин, со импровизации, многу отстапки на сметка на изнаоѓање решенија за вистинските проблеми, што впрочем и го доведоа во опасност статусот како уникатно светско природно и културно наследство.

Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО во 19 точки ги посочи главните препораки што мора да бидат спроведени доколку интенција е избегнување на поместувањето на листата богатства во опасност, а до Баку беше постапено или барем декларативно беше демонстрирана подготвеност да се постапува по дел од нив. Експресно беа отстранети палмите од крајбрежјето како неавтохтон вид, како и рекламните панели во центарот на градот. Она што беше најлесно го спроведе локалната власт, но главните задолженија УНЕСКО ги адресираше до Владата, која, според еколошките и граѓанските здруженија и согласно потпишаните меѓународни договори, е единствено одговорна и задолжена за заштита и зачувување на вредностите на регионот.

Во Баку беа констатирани одредени намери да се сработи по препораките, но останаа главните забелешки дека Охридскиот Регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот. Од државата беше побарано воспоставување целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување. Потоа беше побарано да се направи список на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание врз заштитеното подрачје, како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.

Тоа резултираше со прогласен шестмесечен мораториум на градење, со акцент оти ќе биде во сила до донесувањето на Планот за управување со Охридскиот Регион со Стратегиската оцена за влијанието врз животната средина за периодот 2019 – 2028 година.

Планот е пред фаза на донесување, но се најде на нишан кај еколозите, експертите кои предупредија дека таков стратегиски документ не треба да се донесува во отсуство на соодветни законски решенија за Охридско Езеро, без студија за Студенчишкото Блато, за управувањето со Националниот парк „Галичица“, со сливното подрачје на Охридското Езеро… Државните органи со одговор дека доколку се чека на спроведување на сите потребни процедури, а потоа се донесе план, Охридското Езеро никогаш нема да добие соодветна и неопходна заштита.

Она што најмногу беше експонирано во јавноста и на што граѓаните најмногу му посветуваа внимание беа активностите за отстранување на дивоградбите. Веќе на самиот почеток уривањето беше времено запрено, поради барањата на сопствениците дека им е потребно време сами да ги отстранат нелегално изградените објекти, што потоа се покажа како вешт трик само за да се добие време. Моментално ништо не се урива, но градоначалникот на Охрид уверува дека дивоградбите ќе се отстранат. Тој рече дека физичкото отстранување на дивоградбите е само финалниот дел од тој процес, за кој рече дека ќе биде болен и тежок, оттаму што се работи за долготрајна процедура што треба да ги поправи и отстрани сите грешки и аномалии дозволувани во минатото. Дополнителен проблем за општината е што надлежностите за многу објекти се на Државниот градежен инспекторат, односно нема ингеренции за уривање на дивоградбите што се во зоните под заштита на државата.

Во сите тие активности се наметнува впечаток за бавноста на постапувањето на институциите на сите нивоа на управување, инертноста кон одлучност за акција независно декларираните заложби за спроведување конретни мерки. Дури беа посочувани поединци на високи позиции во рамките на ресорните министерства, за кои беше укажано дека не само што не ги спроведуваат со закон утврдените надлежности туку и прават опструкции на иницијативите спроведени од граѓанските здруженија за дополнителна заштита на регионот со вклучување во Рамсар заштитените блатни подрачја.

Министерот без ресор Едмонд Адеми во последната изјава по повод статусот на регионот во УНЕСКО посочи дека проблематиката треба да се гледа во поширока рамка, оти дивоградбите се можеби највидливиот дел, но огромен дел од исполнувањата по препораките и не се гледаат, а се исто така важни. Тука ги посочи откажувањето од плановите за изградба на ски-центарот на Галичица, плановите за изградба на патиштата Требеништа – Струга и Охрид – Свети Наум, постапката за донесување на Планот за управување со регионот…

И премиерот Зоран Заев со категоричен став дека Охридскиот Регион е наше, но и европско и светско богатство, од што произлегуваат обврските на сите институции да мора да постапуваат во делот на своите ингеренции во грижата за него. Тој нагласи дека истекува рокот за самоиницијативното уривање на дивоградбите, со следен чекор нивно остранување и тоа, како што нагласи, процес во кој нема да има попуштања.

 

– Новиот Закон за бесправно изградени објекти јасно кажува дека дивоградбите во строго заштитениот појас никогаш нема да бидат легализирани. Независно дали се куќи, згради, деловен простор, бетонска база, плажа, сите треба да бидат отстранети. Доколку не ги отстранат сами, ќе ги отстрани општината, доколку не општината, ќе ги отстрани државата. Нема поважна работа од заштита на културното и природното наследство што го има Охридскиот Регион, тоа е суперлатив и императив за сите. Нема мрдање од тој план. Се надевам дека навремено секој ќе постапи онака како што треба. Законите, правилата се јасни, обврските дадени од Парламентот се јасни, важат и за Владата и за општините, ние ќе ги спроведеме докрај – рече Заев при последната посета на Охрид, каде што го означи почетокот на активностите за санација на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.

Системот за заштита на езерото години наназад е нефункционален, што беше утврдено со анализата спроведена од страна на агенција финансирана од јапонската влада.

– Работата ќе ја заокружиме со трајно решавање на системот, а потоа веднаш продолжува и чистењето на секундарната канализациска мрежа во должина од повеќе од 300 километри. Сето што го правиме ќе биде попусто доколку не ги отстраниме дивоградбите, ако не го донесеме Планот за управување со Охридскиот Регион – посочи премиерот Заев.

Дека се постапува по препораките укажува и најавата за реализација на проект за враќање на реката Сатеска во нејзиното првобитно корито, односно пренасочување кон Црн Дрим. Тој проект најде поддршка и од УНДП, но неговата реализација сè уште е во фаза на „добра намера“, односно сè уште без конкретни активности на терен.

Рака на срце, работите се помрднати од мртва точка, активности има, се работи на проблематиката, но не може да се оттргне генералниот впечаток дека дел од активностите се одвиваат бавно, несоодветно обмислено, со импровизации без соодветна вклученост и консултација на експертската јавност. Проектот за реконструкција на кејот на езерото во градот што предвидуваше дополнителен зафат во литоралниот дел на езерото, мегаломанскиот нацрт-проект за изградба на марина за пловни објекти во Студенчишкото Блато, примерите со несоодветното стопанисување со рибниот фонд во езерото заедно со рибокрадството, нерегулираните концесии за плажите недвосмислено ја потврдуваат негативната практика за дополнителен антропоген притисок врз и онака преоптоварениот екосистем. Таквите примери оставаат впечаток на дилетантизам, отсуство на познавања за потребата од систематски приод во справувањето со проблемот, што е далеку од доменот на одговорно општествено управување со еден таков светски природен резерват стар повеќе од два милиони години. Тежината е дотолку поголема поради фактот што Охридскиот Регион е едно од само 39-те места на планетата што како локалитети истовремено се прогласени и за природни и за културно-историски богатства од светско значење на УНЕСКО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...