Бадникови поворки во Скопје и во 39 градови во земјава

Во рамките на божикниот концерт ќе биде промовирана и најново возобновената божикна песна „Христос се роди денес" во интерпретација на Вера Милошевска - Љубојна и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј".

293

Под мотото „Бадник за сите! – Радост за сите!“, Здружението „Бадникови поворки” и годинава, традиционално, со повик до целиот народ, на 6-ти јануари – Бадник, да земе учество во манифестацијата што се организираат во чест на празникот на Христовото Раѓање – Божик.

Според програма, од 10.30 до 11 часот, Здружението „Бадникови поворки” ги повикува сите семејства со деца, да дојдат пред црквата Св.Димитрија во Скопје за да подигнат бесплатни ѕвездички за децата и да учествуваат во формирањето на најголемата бадникова поворка предводена од Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм), Давид Темелков и Златните славејчиња.

Во 11.15 часот, поворката предводена од македонските музички ѕвезди, ќе се упати кон Соборниот храм каде што ќе се случи и најавеното обединување на Старите скопски бадникари со Бадниковите поворки. Во дворот на храмот ќе биде изложено најголемото бадниково колаче високо дури 3 метри и тешко над 100 килограми, ќе бидат доделени признанија и подароци на бадникарите со најдолг стаж, а во рамките на божикниот концерт ќе биде промовирана и најново возобновената божикна песна „Христос се роди денес” во интерпретација на Вера Милошевска – Љубојна и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”.

– Со пакетчиња за децата, благословени бадникови колачиња за возрасните и пригодна музичка програма, ќе го заокружиме овогодинешното чествување, и со најголема љубов ќе ве испратиме дома, за благословот да го понесете во своите домашни огништа, пишува во поканата од Здружението.

Освен во Скопје, традиционално во речиси исто време, Бадникови поворки на радоста ќе се одржуваат во уште 39 градови и населени места во земјава. „Вечниот Бог” ќе се пее, и радост ќе се сее, низ улиците на Битола, Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Дебар, Велес, Штип, Крушево, Куманово, Струмица, Богданци, Виница, Ростуше, Луково, Велгошти, Кривогаштани, Гевгелија, Валандово, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Ресен, Могила, Демир Капија, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Неготино, Кочани, Делчево, Македонска каменица, Дојран, Вратница, Брвеница, Старо село, Беловиште, Рогачево и Теарце, каде распеаните коледарчиња ќе бидат исто така дочекани и дарувани со најголема љубов, почит и пригодни пакетчиња.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...