Обвинителката Елизабета Јосифовска е повикана утре да сведочи во судската постапка за „Рекет”. Таа ѝ беше заменичка на осомничената Катица Јанева, поранешна специјална обвинителка.
Јосифовска беше меѓу првите повикани сведоци за овој случај уште во истрагата, а својот исказ пред обвинителката Вилма Русковска го даде уште летоска.
Јосифоска во изјава за медиумите потврди дека била потпишана на документот за враќање на пасошот на бизнисменот Јордан Камчев, но рече дека одлуката за пасошот била по налог на Катица Јанева која во тој момент била на одмор, па таа како прв заменик била должна да ја потпише.
Во „Рекет“ првоосомничен е Бојан Јовановски, кој се товари за перење пари и примање награда за противзаконито влијание, додека Јанева е обвинета за злоупотреба на службената должност и овластување.
Третообвинет е Зоран Милески – Кичеец, кој уште на првото рочиште призна вина за делото примање награда за противзаконито влијание, по што доби 3 години затворска казна.