Ник Гордон кој беше осуден за смртта на својата свршеница Боби Кристина Браун, ќерка на американската поп легенда Витни Хјустон, пронајден е мртов, изјавил неговиот адвокат за „Франс прес“.
Адвокатот на Ник Гордон не сакал да ги открие околностите за смртта на својот клиент.
– И покрај сите искушенија со кои Ник се бореше во последните неколку години, можам искрено да кажам дека многу се трудеше да остане со крената глава и трезвено да размислува и дека искрено и над сè сакаше да живее во среќа и здравје со своето семејство – рекол тој.
Весникот „Дејли мејл“ пишува дека Гордон починал по повеќе срцеви удари за време на новогодишната ноќ кои биле последица на предозирање.
Да ве потсетиме дека Боби Кристина Браун почина во јули 2015 година на 22-годишна возраст. Ќерката на Витни Хјустон се напила „токсичен коктел“ кој ѝ го подготвил Ник Гордон.
По неговото испивање набрзо изгубила свест, а Ник главата ѝ ја ставил под ладен туш поради што девојката добила оштетување на мозокот.
Патолозите не можеле да утврдат дали станува збор за убиство, но потоа со обдукција било утврдено дека Боби Кристина пред смртта консумирала алкохол, кокаин и марихуана.
Во ноември 2016 година, американскиот суд го осудил Ник Гордон со парична казна од 36 милиони долари кои морал да ги исплати на семејството на починатата.
Во тужбата која ја поднеле се наведува дека Гордон на денот на смртта на Боби се расправал со неа и бил љубоморен и дека претходно „цела вечер поминал на улица купувајќи кокаин и консумирајќи алкохол“.