Земјава во престојниот период, барем како што е најавено од утре, доколку се испеглаат разликите околу предлогот за технички министер за внатрешни работи и доколку се реализираат сите процедури, ќе биде предводена од техничка влада се до изборите, за кои е постигнат договор да се одржат на 12 април.
Концептот техничка или пржинска влада беше воведен по кризата која настана, откако премиерот Зоран Заев, а тогаш лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.
Овој концепт, кој сега е и законска обврска, е дел од Пржински договор кој во 2016 година го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, актуелниот премиер Заев, кој тогаш беше во опозиција и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница.
Сега неколку години подоцна, откако Северна Македонија не доби зелено светло за почетокот на преговорите на самитот на ЕУ во октомври, Заев, сега како премиер, се одлучи да замине на предвремени избори.
Техничка влада се формира сто дена пред избори, а премирот Заев најави дека на 3 јануари ќе поднесе оставка од премиерската функција. Според процедурата Парламентот ја констатира оставката и со тоа паѓа целата влада, а потоа претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој од највисоките партиски тела на СДСМ беше предлогот за технички премиер. Спасовски потоа треба да ја предложи новата влада, а Парламентот да ја изгласа и тој владин состав ќе управува со земјава во перидот до изборите и формирање на новата влада.
Спасовски го прифаќа предизвикот, сепак не и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи и иден мандатар за техничката Влада Оливер Спасовски вели тој начелно нема проблеми со предложените технички министри од страна на опозицијата, со исклучок на техничкиот министер за внатрешни работи за кој смета дека ќе придонесе за милитаризација на МВР.
Спасовски вчера за време на посетата на Тетово изрази верување дека опозицијата ќе предложи нов кандидат кој ќе го раководи Министерството за внатрешни работи. На новинарско прашање дали очекува нов предлог од опозицијата тој одговори потврдно.
-Мислам дека тоа ќе го направат и заеднички ќе влеземе во таа преодна влада која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите. Подготвени сме да продолжиме со таква динамика и со посветеност да работиме за граѓаните во предизборниот период, затоа што Македонија не смее да си дозволи да се стопираат проектите и да има застој во реформите. Напротив треба енергично, цврсто да газиме напред заради граѓаните и иднината на Република Северна Македонија, истакна Спасовски.
Тој и вчера и и изминатите денови остана на ставот дека мора да се почитува Уставот и оти предлогот за министер за внатрешни работи не смее да отстапува од она што е пропишано во највисокиот правен акт.
– Како иден мандатар мислам дека еден од главните принципи е да го почитуваме Уставот и во тој поглед воопшто немаме дилема дека тоа треба да биде пред се и над се. Второ, кога размислуваме за овој кандидат размислуваме и за милитаризацијата на МВР, а тоа воопшто не е потребно во демократска држава и демократско општество – смета Спасовски во врска со предлогот на опозицијата,
ВМРО-ДПМНЕ минатата сабота го предложи Драган Ковачки за нов технички министер за внатрешни работи, а кај власта предлогот отвори дилема дали е во согласност со Уставот, откако беше истакнато дека станува збор за воено лице на служба во Армијата. Ковачки доаѓа од АРМ и е со чин полковник. Тој има долга кариера во војската, меѓудругото и како Командат на 1. механизирана пешадиска бригада.
Заев, по саботната средба со Мицкоски, наведе дека станува збор за воено лице и оттука излегува дилемата дали Уставот согласно член 97 тоа го дозволува, Законот за служба во Армијата и Законот за служба во МВР.
ВМРО-ДПМНЕ како што беше најавено на почетокот на неделава денеска треба да пресече во однос на Ковачки. Заев, како што објавија медиумите на 31 декември, во телефонски разговор му кажал на Мицкоски да предложи ново име за технички министер за внатрешни работи до денеска, додека останатите кандидати на опозицијата се прифатливи за власта.
А лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера на првиот ден од годината се сретна со членови на неговиот кабинет и со кандидатите за министри и заменици министри предложени од неговата партија во техничката влада за спроведување на предвремените парламентарни избори.