Бернс: Северна Македонија е на позитивен пат што ветува

230

Американската амбасадорка во земјава Кејт Бернс во своето прво новогодишно обраќање истакнува дека земјава минатата година ја завршила подготвена да ја реализира долгогодишната аспирација да стане членка на НАТО, дека се продлабочуваат односите со САД, а оти можностите за регионална интеграција се светли. Се зајакнува, вели, економијата на земјата, која, исто така, продолжува да ја покажува својата подготвеност за отворање пристапни преговори со ЕУ имплементирајќи реформи кои се од клучно значење. Но сепак, потенцира Бернс, остануваат уште многу работа и многу предизвици, но смета дека земјава е на позитивен пат што ветува.

– Вашата земја ја заврши годината седејќи на маса со своите идни НАТО-сојузници во Лондон, подготвена на почетокот на 2020 година конечно да ја реализира долгогодишната аспирација да ѝ се приклучи на Алијансата – вели амбасадорката во видеото со новогодишното обраќање објавено на Твитер профилот на Американската амбасада во Скопје.

Таа вели дека во изминатава година се бележи продлабочување на билатералните односи со САД, споменувајќи го одржувањето на воената вежба „Одлучен удар“ и посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој, како што вели имал можност да изрази поддршка  за земјата.

– Разгледувате нови можности со вашите соседи. Економијата зајакнува и расте и изгледите за идна регионална интеграција се светли. Северна Македонија продолжува да ја покажува својата подготвеност за отворање пристапни преговори со ЕУ имплементирајќи реформи кои се од клучно значење за да ѝ овозможат на земјата просперитет и напредок – вели Бернс.

Амбасадорката смета дека позицијата на земјава како регионален лидер на годишното рангирање на Светска банка за можностите за правење бизнис ги охрабрува странските инвеститори. Бернс завршува со порака дека остануваат уште многу предизвици и работа, но смета дека земјава е на позитивен пат што ветува

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...