За идниот технички премиер е спорен само предлогот за негов наследник во МВР

Имаме искрени и чесни намери да се одржат изборите на 12 април, нагласи Оливер Спасовски

396

Mинистер за внатрешни работи и иден технички премиер Оливер Спасовски начелно нема проблеми со  предлозите на опозицијата за министри и дополнителни заменик-министри, со исклучок на предлогот за министер за внатрешни работи за кој смета дека ќе придонесе за милитаризација на МВР.

-Како иден мандатар мислам дека еден од главните принципи е да го почитуваме Уставот и во тој поглед воопшто немаме дилема дека тоа треба да биде пред се и над се. Второ, кога размислуваме за овој кандидат размислуваме и за милитаризацијата на МВР, а тоа воопшто не е потребно во демократска држава и демократско општество –  рече Спасовски.

Тој нагласи дека на сите им е познато што значеше милитаризацијата на МВР на времето со доаѓањето на Горан Грујовски и дека тоа потсетува на, како што рече, огромното закочување на човековите права и слободи.

-Не сакам да прејудицирам и да зборувам за човекот  што било друго – рече Спасовски.

За другите предлози од опозицијата нагласи дека начелно нема проблем со тие кандадати за министри.

-Начелно немам проблем во однос на овие кандидати за министри. Меѓутоа, тоа ќе го кажам во моментот кога ќе се добие составот. Време има секогаш и апсолутно може да се успее со изборот на техничка влада. Имаме искрени и чесни намери да се одржат изборите на 12 април – потенцира Спасовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...