ВМРО-ДПМНЕ ги објави своите адути за техничката влада

4238

Рашела Мизрахи,  Цветан Трипуновски, Гордана Димитриеска Кочоска и Невенка Стаменковска Стојковски се предлозите за технички министри и заменик-министри на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада која треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април 2020 години.

Мизрахи е предложена за технички министер за труд и социјална политикa, Цветан Трипуновски ќе биде предложен за нов заменик-министер за земјоделие, а за заменик-министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска-Кочоска.

За нов заменик-министер за информатичко општество и администрација ќе биде предложена актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска-Стојковски.

Рашела Мизрахи докторирала на Универзитетот Бар Илан во Израел, каде станува доктор на науки по биохемија. Има остварено научно истражувачки дејности од повеќе области на Универзитети во Израел, Канада и Македонија, како што се биохемија и молекуларна биологија на репродуктивни клетки на катедрата на проф. Хаим Браитбарт на Универзитет Бар Илан и менаџмент на генетскиот потенцијал во Онтарио, Канада.

Своето работно искуство го стекнува на Институтот за истражување во кардиологија – Њуфелд, Медицински Центар – Шива, Израел, како и на Физиологија на репродукција, лабораторија на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и повеќе други обуки. Мизрахи работела како консултант на Глобалниот фонд во рамки на програмата за туберкулоза, на мониторинг на лабораторија во Израел, како и асистент на катедрата за Физиологија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје.

Цветан Трипуновски има работено во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен советник. Претходно од 2015 до 2017 година ја извршуваше и функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006 до 2008 година е прв човек на државната фитосанитарна лабораторија. Трипуновски од 2008 година до 2012 година беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, а од 2017 година е и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. По струка е дипломиран земјоделски инженер, а моментно е и постдипломец на Земјоделскиот институт во Скопје.

Димитриеска Кочоска е магистер по економски науки на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Вработена е во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии. Претходно работела во Стопанска Банка, во Телеком во секторот на даноци, во Министерство за финансии во Секторот за јавен долг, а воедно во одреден период е и директор за финансии во ЕЛЕМ, во времето кога со оваа компанија управуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Димитриеска Кочоска поседува обуки, професионални надградби и меѓународни сертификати од повеќе области, како што е анализа на финансиски извештаи, сметководствена аналитика, менаџирање, контрола и управување, завршила и Академија за контрола, во Менаџмент центар Белград, а лиценцирана од CA Akademie AG.

Актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска Стојковски ќе биде предложена за заменик министер за информатичко општество и администрација.  Претходно работела во Секретаријатот за европски прашања и во Агенцијата за странски инвестиции, каде што била координатор на економските промотори и работела на привлекување странски инвестиции. Таа е магистер по европско право и право на Европска Унија. Има знаење и пракса од повеќе меѓународни обуки како што е работа на прашања поврзани со ОН, организирана од секторот за мултилатерала на МНР. Била ангажирана на националната програма за усвојување на правото на ЕУ, координација на ЕУ фондови и други обуки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...