Министерството за труд и социјална политика и оваа зима ги стави во функција четирите прифатни пунктови за бездомни лица низ државата, поради најава за намалување на температурите. Во функција се ставени прифатните пунктови во Скопје, Битола, Струмица и Струга.
Од Министерството апелираат граѓаните доколку забележат бездомно лице да го пријават на дежурните телефонски броеви за да биде сместено во некои од прифатните пунктови коишто се во функција од почетокот на зимскиот период.
– Пријавувањето може да се прави на следните телефонски броеви: Скопје: 071 733 171, 071 411 908, 071 261 778; Битола: 070 791 770; 071/397-272; 071/397-875; Струмица: 070 381 660; Струга: 070 317 612 / 046 781 733. По пријавата на овие телефонски броеви мобилните тимови од Центрите за социјална работа и на Црвениот крст излегуваат на терен и ги згрижуваат бездомниците во неколку пунктови во Скопје и низ Република Северна Македонија каде што добиваат чиста облека, топол оброк, греење и лекарска помош. На лицата коишто одбиваат да се сместат во некој од пунктовите им се дистрибуира вреќа за спиење, ќебе, облека, храна – информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Со цел да ги заштити од ниските температури на 14 семејствата со деца коишто беа останати да живеат во импровизирани живеалишта под Кале, Министерството за труд и социјална политика пред две недели обезбеди живеалиште во негов објект, а претходната година 85 лица од коишто половината се деца, исто така беа згрижени во објект со цврста градба.
Лани пред почетокот на студениот бран топло живеалиште добија и 15 семејства од под Кале коишто се преселија во привремената населба во Визбегово. Овие лица освен што се сместени во објекти на установа за социјална заштита, истите се вклучени во системот за социјална заштита и програми за активација на пазар на труд, а децата посетуваат настава.