Судскиот совет дури на 27 јануари, после речиси еден месец ќе одржи седница, откако денеска пропадна обидот да заседава затоа што немало кворум за одлучување.
На седницата се очекува да ги разреши судијките поротнички со наполнети 60 години поради што им завршува функцијата, а на една од нив ѝ истече и четиригодишниот мандат. Tаа за судија поротник била избрана на 24 декември 2015 година. На оваа поротничка не може да ѝ се продолжи мандатот поради возраста.
Како што пишувавме претходно, станува збор за две судијки поротнички Лилјана Ивановска-Кочковска и Марика Кондовска, кои се членови на судечкиот совет во „Талир“, „Тендери“, „Топлик“, „Монструм“.
Двете поротнички се во судечкиот совет и на предметот ТНТ, за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски, кој треба да продолжи на 17 јануари 2020 година. Претседателот на Основниот суд Иван Џолев му порача на Судскиот совет да им го продолжи мандатот, но очиглено советот не собра сила ниту за разрешувањето, ниту пак за сугестијата на Џолев, што според одбраната во случајот ТНТ претставува еклататно кршење на законот.
– Верувам дека на 17 јануари ќе се појави нов поротник и дека судењето за ТНТ ќе почне од почеток, ако зборуваме за нормално судско рочиште – вели Еленко Миланов, бранител во ТНТ.
Според Миланов, тоа што Судскиот совет не си ја заврши работа и не создаде чист простор за непречено одвивање на рочиштето на ТНТ со разрешување на поротничките и избор на нови, закажа седница дури на крајот на јануари, не може да го одложи спроведувањето на законот. Адвокатот вели дека, поротничката на која и заврши мандатот, по автоматизам не може да биде на функцијата, за што не мора Судскиот совет на седница да констатира дека ѝ истекол мандатот. Тоа, како што вели адокатот Миланов, значи дека судечкиот совет не е целосен, што повлекува ТНТ да почне од почеток.
Судскиот совет иако минатата недела извести дека за престанокот на функцијата на судиите поротници кои постапуваат во случајот ТНТ ќе одлучува на првата наредна седница тоа не го направи. Подоцна информира дека немало време на таа седница на која беше разрешен судијата Владимир Панчевски да се расправа и за поротниците. Наместо разрешување, советот се правдаше со сугестија што им ја предложил претседателот на кривичниот суд Иван Џолев кој им испратил допис во кој бара на двајцата судии поротици да им биде продолжен мандатот, што, според адвокатите во ТНТ, ако така постапи советот, не само што ќе го прекрши законот, туку ќе спроведе „класично силување на правдата“.
Кога Судскиот совет конечно ќе го констатира престанокот на функцијата на двете поротнички, Законот за кривична постапката (ЗКП) предвидува судските процеси во кои тие биле членови на судечкио совет, а во кои немало поставено заменици да почнат од почеток.