Пратениците на НСДП нема да гласаат за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ армиски полковник да биде министер за внатрешни работи во техничката влада, доколку тој предлог дојде пред Собранието, вели пратеничката Соња Мираковска.
Таа побара од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да номинира ново решение.
Мираковска изјави дека не постои ниту едно правно толкување, според кое уставната одредба дефинирана во членот 97 може да се измени.
– Дискусијата за наводни преседани е неодржлива, несериозна и го доведува во прашање уставниот поредок на Северна Македонија. Инсистирањето воено лице да раководи со МВР ќе ја засили перцепцијата на јавноста дека Христијан Мицкоски е уплашен од изборните резултати и не сака соочување со гласачите на 12 април- рече Мираковска.
Не навлегувајќи во биографијата на Драган Ковачки, додаде таа, сметаме дека е недозволиво оној што ќе има обврска да го штити Уставот, законите и безбедноста во наредните сто дена до изборите да биде избран со кршење на Уставот.
– Апелираме до опозицијата да не се обидува да ја држи земјата во заложништво. Знаеме дека вистинската кадровска политика се води во Будимпешта, но се надеваме дека ВМРО-ДПМНЕ се уште има сила и разум да го разубеди Мицкоски во неговите намери да ги опструира изборите – рече Мираковска.
Сепак, таа верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи нов кандидат.