Неспорно е дека полковникот Драган Ковачки има одлично воено образование. Неспорно е дека има и одлично професионално искуство. Ако на тоа го додадеме и неговото борбено искуство од 2001-та како и военото искуство од Ирак доаѓаме до неспорен заклучок дека се работи за врвен воен професионалец, коментира генералот Стојанче Ангелов на Фејсбук.
„Но исто така, неспорно е дека според член 97 од Уставот, ниту тој, ниту било кој друг кој последните три години пред изборот не бил цивилно лице, не смее да биде министер за внатрешни работи ниту пак министер за одбрана.
Единствено спорни се мотивите на уставотворецот за внесувањето на ваква рестриктивна одредба во нашиот Устав особено ако се земе во предвид дека токму според член 9 од истиот Устав граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. За тоа, во некоја друга прилика.
За надминување на сегашната и превенирање на некоја идна слична ситуација предлагам по завршувањето на изборите да се отвори оваа тема и сериозно да се разгледаат аргументите за и против оваа забрана.
Како и да е, се додека не се избрише оваа уставна забрана, никој кој не бил цивил три години пред изборот, вклучитено и полковникот Ковачки, не може да биде избран за министер за внатрешни работи ниту пак за министер за одбрана.
А доколку ВМРО ДПМНЕ се искрени во намерата со неспорно одличниот кандидат, полковникот Ковачки, имаат можност, еден ден, кога ќе формираат влада, да го именуваат за директор на Бирото за јавна безбедност или на друга висока државна функција“, пишува Ангелов.