Во една новогодишна ноќ пред неколку години имавме многу повици за алкохолизирани деца помали од 16 години. Вртеа телефони и ни се јавуваа од домовите каде прославувале и се собирале за Нова Година, а на некои тоа им била и прва прослава. Повеќето од децата за кои ни бараа да интервенираме не ни испиле многу алкохол, можеби само еден пијалок, но и тоа било доволно да ги „фати“ и да ги почувствуваат симптомите на алкохолизирана состојба, раскажува д-р Весна Неделковска, шеф на смена во Службата за итна медицинска помош во Скопје.
За таа Нова Година имало особено многу повици за девојчиња кои испиле алкохолни пијалоци, а сите по дадена прва помош ги пренесувале на Клиниката за токсикологија.
Д-р Неделковска, заедно со колегите од Брзата помош, за Плусинфо се сеќаваше на интересните случки во највеселата ноќ.
– Поучени од тоа искуство, следната година на Токсикологија се подготвуваа и со вонредни екипи, бараа и дополнителни кревети, а токму таа година немаше ни една таква интервенција, за алкохолизираност или за труење со алкохол. А пред неколку години, мислам за дочек на новата 2000-та, интервениравме по повик за тежок инфаркт кај еден скопјанец. Итно го пренесовме на Клиниката за кардиологија, каде го земаа директно во сала и човекот, за среќа, преживеа – вели д-р Неделковска.
Но, вработените во скопската служба за итна помош добивале и новогодишни подароци.
– Пред да влеземе во 2000-та година, дојдоа претставници од „Зегин“ со нас да ја дочекаат Новата Година и ни подарија јакни како благодарност за нашата служба. Ни организираа и мала закуска таа Нова година, а се пошегувавме дека „Зегин“ наликува на Дедо Мраз. Минатата година, пак, мајка и син донесоа две торти за дежурните екипи од Брза помош во новогодишната ноќ, не сакаа ни да се претстават, само рекоа дека се благодарни што постоиме, ни честитаа Нова Година и си заминаа – раскажува д-р Весна Неделковска.
Таа нерадо се сеќава на непријатните настани како што се тешките повреди од петарди, кои што оставиле без прсти две деца за време на прославата на „најлудата“ ноќ.
– Интервениравме пред неколку години кај две деца на петардите им ги однесоа дланките, по што мораше да им бидат ампутирани прстите. Страшна глетка беше тоа, а замислете токму родителите, односно татковците им ги купиле петардите! Сите беа испаничени, децата вриштеа, родителите во паника… Советуваме никако овие експлозивни направи да не бидат во близина на децата, а особено родителите да не помислуваат лично тие да им даваат петарди. Бидејќи многу често може кобно да заврши оваа „играчка“ – порачува д-р Весна Неделковска.