Филипче: Не е точно дека над 400 лекари се иселиле од земјава

424

Министерот за здравство Венко Филипче денеска демантираше дека над 400 млади лекари ја напуштиле земјава, откако Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти излезе со тоа тврдење пред неколку дена.

– Откако излезе таа информација во јавност ние ги проверивме податоците и бројките. Не знам дали станува збор за лажна информација или некој сакал да ја спинува информацијата, но во Лекарската комора издадени се само околу 160 потврди за заминување во странство, а тоа им треба на сите млади или лекари со искуство кои треба да одат да работат макар и привремено, заради тоа што без таа потврда не можат да ги нострифицираат документите во било која држава, рече Филипче.

Вели дека тоа е за 20 потврди помалку од минатата година, што, како што посочи, тоа нас ни укажува дека овие мерки што ги имплементиравме во овие две години даваат резултати – вработување за сите невработени лекари преку мерката за шестмесечниот стаж, над 5.000 дадени согласности, за 50 отсто зголемени плати, а догодина и за речиси сто проценти односно и надминати 100.000 денари на некои клиники и институции. Според него, тоа се дел од мерките што младите лекари ќе ги задржат овде во земјава.

Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти изминатава недела излезе со тврдење дека од земјава се иселиле над 400 лекари. Тие формирале и Регистар на лекари кои се надвор од земјава за да ја следат состојбата со нивното иселување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...