Добивањето на кристално чиста, безусловена препорака за почеток на преговорите за Република Македонија, значи дека земјата го исполнила основниот политички критериум за членство во ЕУ, што треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување кон нејзино членство, рече премиерот Зоран Заев на собраниската комисија за Европски прашања.
– Најголемата заслуга за успешното спроведување на реформските процеси ја имаат граѓаните на Македонија – рече премиерот.
Заев потенцираше дека сега е време сите да ги вложат своите потенцијали во евроинтеграциите и да се покаже дека делиме европски вредности.
– По донесувањето на одлуките за преговори во јуни, ќе ги подготвиме и преговарачите. Со овој чекор ќе демонстрираме сериозност. Овде ќе ни требаат најдобрите луѓе од институциите. Треба да имаме предвид дека членството во ЕУ ќе ги отвори најголемите теми, како реформите во судството, владеење на правото, човекови права и така натаму. Реформиран државен систем ќе ни помогне да станеме до европските политички системи. Ги засукаваме ракавите, нѐ чека полни раце работа – кажа Заев во обраќањето.
Тој додаде дека оди и чекор понатаму од датумот за почеток на преговорите со ЕУ, којшто очекувам да го добиеме во јуни. Дека треба да имаме предвид дека датумот за почеток на преговорите со ЕУ ќе ги отвори први најтешките теми како правосудство и владеење на правото, заштита на човековите права, борба против криминал и корупција, реформи во јавната администрација, реформи на безбедносните служби, реформи во социо-економскиот систем, успешна регионална економска соработка.
– Затоа, ракавите веќе да ги засукаме, не чека полни раце работа, сите. Знам дека сме свесни сите за моментумот што дава шанса за реализација на стратешката цел на Република Македонија – почеток на преговорите со ЕУ и зачленување во ЕУ.
Ова е национална и генерациска задача којашто нѐ обединува сите, ги обединува сите граѓани, сите етнички заедници, сите политички партии, сите институции – рече Заев.
Премиерот додаде дека сите забелешки од овој Извештај да ни бидат водилка за работа и за успех. Заложбите, од сите парламентарни групи и сите општествени чинители се важен дел од тој заеднички успех.