За министер за внтарешни работи е предложено воено лице. Од тука се појавува и дилемата дали тоа не се коси со Уставот и со законите, според кои, со МВР и со Министерството за одбрана мора да раководи цивилно лице, кое најмалку три години е цивил, рече премиерот Зоран Заев по средбата со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.
Сепак, Заев остави простор до понеделник, за да се консултира со експерти околу дилемите кои, како што рече, се изнедриле по предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој доцна попладнево во владата имаше получасовна средба со премиерот.
Тој сепак не го отфрли предлогот за технички министер, иако рече дека верува дека ова не е единствен кандидат на опозицијата ако се покаже како спорен.
Заев не сакаше да коментира дали ВМРО-ДПМНЕ намерно дала таков предлог, знаејќи дека се коси со Уставот и со законите, со цел да ја опструира техничката влада.
Тој рече дека е важно сите учесници во изборниот процес да бидат одговорни со цел да се обезбеди фер, демократски и регуларни избори.
– Кога зборувавме за кандидатите нормално ние разговаравме дека претседателот на опозицијата како предлагач треба да има предвид кога ги предлага кандидатите единствено да не бидат лица кои се под обвинение на јавни обвинителства во државата заради тоа што од прилика не е ниту етички, ниту би требало да биде дозволиво. Заради тоа останатите имиња освен името на кандидат за министер за внатрешни работи во понеделник во координација јас и Мицкоски ќе бидат соопштени веројатно тогаш и тие ќе ги соопштат имињата – изјави Заев.
Премиерот посочи дека на средбата го отвориле и прашањето за една изборна единица кој што беше даден од помалите политички партии во Собранието.
– Сакаме да направиме напори ова прашање кое што е на дневен ред и ќе продолжи да биде на дневен ред сигурно се до 12 февруари додека не се распушти Парламентот оти темата е отпочната во самото Собрание. Во духот на она што претставува напори на изнаоѓање на заеднички консензуални решенија разговаравме за можни варијанти. Еве сега да влеземе да го изгласаме законското решение да важи од следните парламентарни избори за тука да го најдеме компромисот, а отворените листи да важат за следните локални избори за да не има директен импакт како аргумент на опозицијата – рече Заев.
Тој повтори дека СДСМ е на став дека треба да имаме една изборна единица, апелирајќи да се најде решение и на тоа прашање.