Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата во Владата со премиерот Зоран Заев изјави дека разговарале три теми, меѓу кои и за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи, и оти неговото име ќе биде соопштено подоцна.
– Во првото прашање разговаравме за името, му го презентираме, ја презентиравме биографијата на лицето и во интерес на дополнителни консултации што тој треба да ги изврши, јас не би го споменувал се уште нашиот предлог, договоривме за од прилика час – час и половина од сега да се слушнеме телефонски за конечна потврда. Но, вака на прва немаше никакви забелешки, ниту пак имаше некакви дополнителни коментари – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека станува збор за човек нов во политиката, човек врвен професионалец, човек со исклучително богата кариера во службата онаму каде што досега работел и убедени сме дека ќе биде додадена вредност за безбедноста во нашата држава.
Мицкоски додаде дека со Заев разговарале и за имињата на останатите предлози на ВМРО-ДПМНЕ што ќе бидат дел од техничката влада, како и за темата која ја отворил Заев, а тоа, како што рече Мицкоски, е околу можноста за промена на изборниот модел и настаните што во Собранието се поврзани со тоа прашање.
– Поврзано со второто прашање, а тоа е останатите предлози како што техничкиот министер за труд и социјална политика, замениците технички министри во ресорите земјоделие, финансии и администрација. Од прилика слушнавме од страна на премиерот во заминување Заев за профилот на личностите кои очекува техничкиот премиер да ги добие од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Во понеделник се договоривме дека пред да бидат имињата објавени ќе имаме телефонска консултација, а дури потоа откако ќе ја завршиме таа телефонска консултација ќе ги соопштиме на јавноста – истакна Мицкоски.
Мицкоски, во врска со темата за промена на изборниот модел, рече дека како ВМРО-ДПМНЕ изразиле подготвеност веднаш по завршувањето на овие избори опозицијата и власта кои да бидат тогаш, да седнат и разговораат за промена на изборниот модел и примена на т.н. отворени или преференцијални листи за време на следните локални избори, посебно за листите на советници.